Актуелно

 ССМ упати отворено писмо до пратениците за 60 часа прекувремена работа и недела неработен ден

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) упати отворено писмо до пратениците за 60 часа прекувремена работа и недела неработен ден. 

Велат дека тие не биле консултирани ниту при носењето на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8. Потсетуваат дека лани ССМ заедно со Синдикатот за градежништво – СГИП покренаа иницијатива во врска со одредбата за работно време од 60 часа неделно за изградбата на Коридорот 8 , одредба која како неуставна и незаконита е укината од Уставниот суд,  односно се укина член 12 од Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8. 

„Со оглед на фактот што Одлуките на Уставниот суд не се коментираат, како што е случајот со Одлуката на Уставниот суд со која се укинуваат член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија, а пратениците се најповикани да ги почитуваат, крајно некоректно кон работниците е одредена група на пратеници знаејќи за Одлуките на Уставниот суд, со цел да се изигра ставот на Уставниот суд, предлага уредување на ваква одредба во Законот за работните односи, не водејќи сметка за Уставот, законите, колективните договори, одлуките на Уставниот суд, меѓународните трудови стандарди, конвенцијата за работното време, европските директиви и други меѓународни документи и директно го погазува пристојното работно време и пристојната работа како една од најголемите цивилизациски придобивки. Истовремено, ја користиме приликата да Ве потсетиме дека Уставниот суд не повел постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи по однос на иницијативата на Стопанската комора на Северна Македонија и констатирал дека со Законот за работните односи, се пропишува поволно законско решение од битно влијание врз материјалната и социјалната положба во остварувањето на правата на работниците, како во однос на остварувањето на неработен ден во неделата и примање на надоместок на плата за работа во недела и на празници, со што се заштитуваат и промовираат правата и интересите на работниците, како од аспект на одмор во неработен ден, така и за надоместок на плата за работа во недела и празници, па сакајќи да се удоволи на еден работодавач за бизнис интереси наспроти животот и здравјето на работниците за синдикатите  нелогично, нечовечно и крајно непринципиелно и спротивно на интересите на работниците, наспроти барањата на странските работодавачи и конзорциум“, додаваат од ССМ. 

Потсетуваат дека 1 мај се одбележува токму во знак на почит кон жртвите на штрајкот што се одржал од 1 до 4 мај 1886 година во Чикаго кој е организиран со цел воведување на осумчасовен работен ден, па со предлогот на Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи по скратена постапка, мала група на пратеници прави обид фундаменталното право на пристојно работно време и пристојна работа кое е изборено во 1886 година да го погази и Македонија и македонските работници да ги врати 137 години назад. 

„Истовремено, ја користиме приликата да Ви укажеме дека работниците кои воедно се и Вашите гласачи, не Ви дале мандат и не ве избрале за народни пратеници за да се ставате во сервилна улога и да удоволувате на странски конзорцииуми и бизнис интереси на штета на животите и здравјето на работниците од чија пот ја земате пратеничката плата сега зголемена за 78 отсто, туку да се ставите во заштита на работниците и граѓаните и да не дозволите ничиј друг интерес пред нивното здравје, живот и егзистенција, зошто без работници, нема гласачи, а без гласачи нема ниту пратеници! Во името на солидарноста и човечноста, бараме од Вас веднаш да го отфрлите ваквиот нечовечки предлог поради тоа што работниците немаат резервен живот, немаат резервна татковина, ниту имаат уставна можност да се откажат од правото на дневен, неделен и годишен одмор поради тоа што ова е темелно уставно право кое работниците мораат да го уживаат“, додаваат од ССМ. 

Од ССМ велат дека не смеат да дозволат некој да си игра со животот и здравјето на работниците, па од тука и ССМ и Синдикатот за градежништво – СГИП ќе ги искористат сите механизми кои им се на располагање за зачувување на овој столб на работничките права, а тоа е пристојното работно време да важи за македонските работниците исто како што важи за европските работници.  Велат дека не се работи само за работниците, туку за државата во целост се работи.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons