Се одложува Законот против пушење?
Законот за заштита од пушење најверојатно нема да стартува од 1 март како што стои во предложеното законско решение. Тој ќе се доработи и донесе најбрзо што може, но имплементацијата ќе биде во фази, прво едукација, опомени па дури потоа казни. Колку време ќе траат фазите допрва се проценува. Ова во емисијата Бизнис 21 го потврди државниот советник во Министерството за здравство, Никола Грбчевски, кој рече дека се уште траат разговорите со сите засегнати страни.
„Не би го нарекол ретерирање, би го нарекол фазна имплементација во смисла на тоа дека во дијалог со јавноста и во дијалог со бизнис заедницата одлучивме да одиме со мека имплементација. Имплементација што ќе значи на почеток опомени, едукација. И тоа е дел од оваа фаза на усогласување. Дали ќе бидат 6 месеци, дали ќе бидат 8 месеци, дали ќе бидат 3 месеци, не можат да ви кажам “, вели Никола Грбчевски.
Угостителите го поддржуваат законот, но побарале од Владата имплементацијата да оди 3 години, дури потоа да се казнува. Кажале дека доколку се имплементира веднаш ќе го погоди бизнисот и ќе има затворање на објекти и отпуштање на работници. Велат законот е еден од најригорозните и е правен по пример на една Шпанија, Словенија каде 15-18 проценти од населението се пушачи, за разлика од кај нас каде се 60 до 65 проценти.



