Протест на граѓанските организации кои се борат за ХИВ превенција: Кој ќе остане жив за да го полни буџетот?
Министерството за здравство скрати 40 проценти од парите наменети за превенција на ХИВ и тоа скапо ќе ги чини и пациентите и здравствениот систем на долги патеки, порачаа граѓанските организации кои работат на превенција на ХИВ во државата и побараа средствата веднаш да се вратат во буџетот, и наместо преку најмаргинализираните и најсиромашните, владата буџетот да го полни преку најбогатите, со воведување прогресивен данок.
Граѓанските организации кои работат на превенција на ХИВ во државата, одржаа протест пред владата со кој побараа итно да сопре кратењето на буџетот за превенција на ХИВ од 40 проценти кој го најави Министерството за здравство. Тие здружено побараа да не се штеди од здравјето на луѓето, туку да се воведат сериозни фискални политики и прогресивен данок во државата, наместо да се атакува на здравјето на најранливите категории граѓани.
Со транспаренти ,,Ковид не беше доволно убедлив па се спремаме за ХИВ“, „Денес штедиме за утре да плаќаме со човечки животи“ и „Кратење на ХИВ превенција е увод во ХИВ епидемија“, организациите побараа никако да не се штеди во превентивните програми и Министерството за здравство дополнително да не ги стигматизира луѓето кои живеат со ХИВ.
-Министерот за здравство вели дека секој денар вложен во здравството за превенција и штеди на државата 7 денари за лекување. Зошто тогаш владата и Министерството за здравство кратат 40 проценти од превентивните програми наменети за превенција на ХИВ во државата? Ова кратење во пракса значи исклучување на неколку илјади граѓани и нивните семејства од системот за здравствена и социјална заштита. Ова кратење значи затворање на некои од центрите за кои се вложувани странски инвестиции. Социјална држава не крати никогаш од здравството туку инвестира кај што е најпотребно, рече Хајди Штерјова Симоновиќ од Платформата за превенција на ХИВ.
Таа додаде дека во земјава 30 проценти од смртните случаи се прекумерна смртност.
-Во регионот сме лидери во прекумерна смртност. Во Данска пак, за споредба, прекумерната смртност е 2.2 проценти. Во фискалната политика на земјава, каде има 10 проценти данок и за најбогатите, а во Данска има највисок данок за најбогатите, може многу јасно да се види каква е сликата. Не смее да се крати од превенција во здравството и бараме под итно да се вратат парите во програмите. Приоритет треба да се дава за мерките за обесправени граѓани, додаде Штерјова Симоновиќ.
Активистите посочија дека само 9 проценти од буџетот на Министерството за здравство е за превенција, што значи дека десет години спречувањето не е приоритет на владата па затоа секоја година умираат по 40 жени од ненавремено детектиран рак на грлото на матката.
Директорката на Инфективната клиника доктор Милена Стевановиќ го поддржа протестот. Спроед неа иако средствата за лекување на клиниката за ХИВ нема да претрпат скратувања, сепак превенцијата е клучна. Таа вели дека навремено откриениот пациент со ХИВ има шанса за брзо враќање во нормалните животни процеси и на целокупното свое здравје. Доктор Стевановиќ посочи дека третираниот пациент, значи спречување на ширењето на инфекцијата.
-Потребна е итна интервенција на оваа одлука затоа што пациентите се тука. Тие дигаат глас за да нема нови пациенти. Ако на нас белите мантили, самите пациенти ни кажуваат дека превенцијата е најважна, тогаш ние како лекари не смееме да си го дозволиме луксузот тоа да не го слушнеме и професионално да изреагираме на кратењето на буџетот за превентивните мерки. Ова кратење е направено крајно несоодветно. Со тимот кој работиме на ХИВ превенцијата заедно со нашите сериозни партнери од граѓанскиот сектор, имавме сериозен успех. Најголем дел од времено откриените ХИВ случаи доаѓаат преку граѓанскиот сектор и нивниот систем на тестирање и советување во целата држава. Тоа е суштината, децидна е доктор Стевановиќ.