Просечната нето-плата во мај изнесува 45.796 денари
Просечната исплатена нето-плата во мај годинава изнесувала 45.796 денари што е 11 отсто повеќе во споредба со истиот месец лани, соопшти Државниот завод за статистика (ДЗС).
Како што информира ДЗС, ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Финансиски дејности и дејности на осигурување за 23,9 отсто, Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли за 15,1 отсто и Образование за 14,4 отсто.
Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Финансиски дејности и дејности на осигурување за 13,5 отсто, Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли за 5,4 отсто и Рударство и вадење на камен за 5,1 отсто.
Просечната бруто-плата, пак, по вработен во мај 2025 година изнесувала 68.859 денари.