ОН официјално прогласи глад во Газа: Повеќе од половина милион се соочуваат со смрт
Гладот е официјално потврден за прв пат во градот Газа и околината, соопшти телото за безбедност на храната поддржано од ОН, пренесува Би-би-си.
„Гладот во Газа е целосно предизвикан од човечкиот фактор“, се наведува во ИПЦ – глобална иницијатива на агенциите на ОН, хуманитарни организации и влади.
ИПЦ е примарниот механизам со кој меѓународната заедница одредува дали постои глад, објаснува Би-би-си.
Гладот во Газа е „целосно предизвикан од човечкиот фактор“, се наведува во извештајот на ИПЦ и се додава дека може да се „запре“.
„Времето за дебата и колебање заврши, гладот е присутен и брзо се шири“, се вели во извештајот.
Во нивниот извештај од 59 страници, објавен денеска, се вели дека „не смее да има сомнеж дека е потребен итен и масовен одговор“.
„Секое понатамошно одложување – дури и од неколку дена – ќе резултира со целосно неприфатливо зголемување на смртноста поврзана со глад“, се наведува во извештајот.
ИПЦ вели дека повеќе од 500.000 луѓе во Појасот Газа се соочуваат со „глад, беда и смрт“, додека се предвидува дека „катастрофалните услови“ ќе се прошират во Деир ал Балах и Кан Јунис следниот месец.
Израелското Министерство за надворешни работи го отфрли извештајот, тврдејќи дека „нема глад во Газа“.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, ја опишува кризата како „катастрофа предизвикана од човекот“ и повикува на непречен хуманитарен пристап до Газа.
Во меѓувреме, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху објави дека неговиот кабинет одобрил планови за нов напад врз градот Газа.
Израелските одбранбени сили соопштија дека на лекарите и хуманитарните работници им е кажано да започнат со подготовки за евакуација пред проширената офанзива.
Израел не дозволува меѓународните медиумски организации слободно да известуваат од Газа.