Македонија

Одбележани 79 години од убиството на 12 младинци од Ваташа 

На споменикот во месноста Моклиште кај Ваташа, беа одбележани 79 години од убиството на 12 ваташки младинци. Натка Китева, кустос историчар при Музеј галеријата во Кавадарци, рече дека во текот на бурната историја, кавадаречкото село Ваташа даде плејада револуционери и борци за слобода, како од постарата историја, така и од времето на НОВ и Револуцијата 1941-1945 година.

-Во долгата и тешка борба на македонскиот народ, многу настани останаа длабоко врежани во свеста и паметењето на луѓето. Настан кој никогаш не може да биде избришан од меморијата на народот од овој крај е и масакрот на 12 младинци од селото Ваташа, извршен на 16 јуни 1943 година на ова место, нагласи Китева.

Меѓу другото, таа потсети дека од младинците се барало да одговорат за целта на првомајскиот собир, за врските со партизаните и за криењето илегалци.

-Младинците погодени од рафалите на пушкомитролезот и куршумите од пушките паѓале како покосено класје, еден до друг. Насекаде во воздухот, се чувствувал силен мирис на барут. По претрпениот шок, следел силен писок на девојчињата, од кои три ги изгубиле своите браќа. Војниците како по заповед ги извадиле бајонетите и да бидат сигурни дека успешно ја завршиле работата, започнале со нив да ги бодат телата на младинците кои се уште покажувале знаци на живот. Тоа не било се. По извршениот масакр, војниците започнале да им пребаруваат по џебовите, а на неколкумина им ги одзеле часовниците од рацете, раскажа Китева.

Масакрот во Ваташа бил запишан и во билтенот на ГШ на НОВ и ПОМ од септември 1943 година.

-Ниту еден злостор во историјата не останал неказнет. Заслужената казна ги стигнала сите актери од овој масакр, кој остана забележан како едно од најголемите злосторства што окупаторот го извршил во Македонија, за време на Втората светска војна. Песните „Ми заплакало селото Ваташа“ од  Лазар Манчевски и „Цветови” од Славко Јаневски, секогаш ќе не потсетуваат на една младост, на 12  скоевци, коишто своите животи ги положија за слободата за која мечтаеја. Злочинот направен врз нив, беше истовремено и злочин врз човештвото и злочин спрема слободата, рече Китева.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons