ОГРОМЕН ТРИУМФ: Алкалоид замолкна над 9.000 Грци и дома ќе игра за титула во ЕХФ Купот!
Алкалоид е многу блиску до кревање на трофејот во ЕХФ Европскиот куп откако македонскиот тим одигра извонредно на првиот финален дуел со АЕК, славејќи сред Атина со резултат 25-29. Ниту фанатичната атмосфера на трибините ниту инцидентите што ги направија грчките навивачи не ги исфрлија од ритам избраниците на Лазаров, кои одиграа меч за паметење и заслужено стигнаа до победата. Секако пехарот не е осигуран, но овој резултат само ја крева самодовербата пред реваншот следната недела во Скопје, на кој Алкалоид ќе треба уште еднаш да потврди дека е поквалитетен состав од АЕК и да се закити со прввиот европски трофеј во клупската историја.
АЕК беше подобар само во почетните две-три минути во кои грчкиот тим набрзина поведе со 2-0. Грците имаа и напад за „плус три“, но откако не го реализираа, Алкалоид експресно успеа да се врати и преку Серафимов и Ивановски израмни на 2-2. Петковски во 6. минута го донесе првото водство на македонскиот тим во Атина, по што следеше период на израмнета игра во кој двете екипи се менуваа во предност.
Двете брзи исклучувања на Стојковиќ само за момент го исфрлија македонскиот претставник од ритам, па АЕК најпрвин поведе со 12-11, а потоа и со 14-12. Тогаш профункционира одличната одбрана на „сино-белите“ кои до крајот на полувремето не примија ниту еден гол. Митев и Петковски беа играчите кои донесоа израмнување на 14-14, а дури и со играч помалку (по исклучувањето на Велковски) Алкалоид успеа да се одбрани, па дури и да постигне два погодоци преку Маркоски и Франциско. Штета што беше пропуштена шанса за „плус три“ кога Петковски од контранапад направи пресврт, но овие 14-16 беа одлична награда за беспрекорното издание на Алкалоид во првото полувреме.
Вториот дел почна со гол на Стојковиќ, а при 14-17 Алкалоид не искористи и два напада за „плус четири“. АЕК дојде до 16-18, а Галевски влезе и одбрани пенал, спречувајќи целосен камбек на домашниот тим во 36. минута. Грцитее заиграа поагресивно во одбраната, постигнаа гол за 17-18, а потоа Галевски со уште еден одбранет пенал спречи израмнување. Следеше нова загубена топка, но потоа и одбранет зицер на Кизиќ во 39. минута. Алкалоид имаше и играч повеќе, што конечно го искористи за да даде гол преку Петковски во празна мрежа и да ја запре мини-серијата на домаќините (17-19, 40. минута).
Следеше и исклучување на Џонов на спротивната страна, но и голем инцидент кога Митев беше погоден во глава со тврд предмет од трибините. Тоа не му пречеше на Галевски да го одбрани и третиот седмерец во низа, со што ги излуде грчките навивачи на трибините. Алкалоид постигна гол за 17-20, по што грчките навивачи повторно направија инцидент, овојпат истурајќи вода и пиво од трибините кон клупата на македонскиот претставник.
Мечот беше во прекин, а кога продолжи нервозата беше очигледна, па Лазаров побара тајмаут при 19-21, на помалку од 15 минути до крајот. Во серија грешки влезе младиот Митев, АЕК намали на 20-21, а потоа Кизиќ имаше уште една одбрана со која спречи израмнување. Серафимов презеде одговорност и погоди од девет метри враќајќи ја самодовербата кај Алкалоид.
АЕК доби пенал на десет минути пред крајот, но Галевски го запре и четвртиот седмерец во низа, замолкнувајќи ги сите присутни во салата кои го исвиркуваа при влегувањето на терен. Алкалоид имаше и 20-23, но домаќините успеаја да намалат на 22-23, откако во петтиот обид од седум метри конечно го најдоа лекот за Галевски.
Лазаров на седум минути до крајот го уфрли Галевски на голот на местото на Кизиќ при резултат 23-24, а за нецела минута македонскиот тим се врати на „плус три“, по головите на Франциско и на Серафимов за 23-26. Во последните пет минути се влезе со „плус три“ за Алкалоид, при што домашниот тренер го побара својот последен тајмаут на мечот.
Галевски блесна уште еднаш за петти одбранет пенал при 24-27, а Лазаров последниот тајмаут го побара на 2:14 до крајот, при водство на неговиот тим од 25-27. Веднаш по тајмаутот следеше фантастичен гол со цепелин на Франциско, Галевски одбрани уште еден удар и ја трасираше победата, на крајот изразена со конечните 25-29, со новиот гол од крило што го постигна Марти ВЕлковски..
Фантастичен успех на ракометарите на Алкалоид, кои продолжуваат да испишуваат историја, на која печат ќе треба да стават со добра и кревање на пехарот на реваншот, следната недела во СЦ „Борис Трајковски“.