МакедонијаНајново

НИТУ НЕ ГЛЕДААТ, НИТУ САКААТ ДА СЛУШНАТ ЗА НАШИТЕ БАРАЊА: Слепите лица ќе протестираат пред Владата 

Актуелната економска состојба, а претходно и кризата со пандемијата драстично го влошија и онака кревкото опстојување на околу 10.000 слепи лица и лица со телесен инвалидитет. Секојдневното поскапување на основните намирници од час во час ја влошува ситуацијата на оваа категорија граѓани, посочуваат за Фактор од Националниот Сојуз на слепите лица на Република Македонија (НССРМ), заради што по низа неуспешни обиди, како што велат, да се седне и да се разговара властите за проблемите кои ги мачат, денеска излегуваат на протест пред Владата.  

Претседателот на Националниот Сојуз на слепите лица на Република Македонија (НССРМ), кој ги застапува интересите на слепите лица во Република Македонија, Жарко Селковски, вели дека во изминатиот период, преку разговори и преговори со претставници од Министерството за Труд и Социјална Политика, Националното координативно тело при Владата на Република Македонија, настојуваше да обезбеди и најде соодветно решение за неколку основни барања.

-Станува збор за додатокот за попреченост, кој изнесува 7.500 денари. За 10 години покачувањето е само 500 денари. Со години е истава сума, а цените само растат. Бараме оваа сума да се врзе со просечната плата, како што беше порано, односно да биде 40% од просечната плата во Република Македонија. Исто така, сумата која се зема по основ туѓа нега, која сега околу 4000 денари, а која ја имаат остварено правото по основ на оштететен вид од 98% до 100%, како и оние со телесно оштетување, да се врзе исто така со просечната плата, а не со животните трошоци, односно да биде 30% од просечната плата во Република Македонија. Да не зборувам за помагалата. Слепите лица немаат законски никакво право за користење на помагала, согласно моменталната состојба, па затоа бараме системско решавање на овој проблем, а додека да се изнајде решение, да се продолжи со исплата на средства во сума од 1.000.000 денари годишно, се со цел Националниот Сојуз на слепите лица на Република Македонија да може на своите членови да им обезбеди барем минимални неопходни помагала за олеснување на нивниот секојдневен живот, вели Селковски.

Посочува дека и покрај сите напори кои ги направиле, разговори и преговори со претставниците на Министерството за труд и социјална политика, од јануари до сега нема никаков позитивен резултат. Селковски нагласи дека се известени и сите странски амбасади во земјава, а во однос на средба со премиерот Димитар Ковачевски вели дека немаат никаков одговор.

-НССРСМ поднесе неколку барања до премиерот Димитар Ковачевски за организирање на средба помеѓу претставниците на НССРСМ, се со цел да можеме лично нему да му ги пренесеме сите наши барања и со заеднички сили да работиме за изнаоѓање на решенија за истите, меѓутоа, не добивме никаков одговор или поточно не игнорираат. Врз основа на досегашното искуство дека преговорите и разговорите со сите останати надлежни институции и претставници не резултираат со наоѓање на конечно решение на нашите барања, односно тие постојано се одолговлекуваат, и се додека Ковачевски не одвои време за сослушување на нашите проблеми и обезбеди термин за реализација на средбата, НССРСМ ќе продолжи да ги користи сите инструменти на располагање за остварување на својата цел. Одлучивме да организираме  протест, можеби ќе не видат и ќе не слушнат, вели Селковски.

Маршот ќе почне точно напладне пред Домот на хуманитарни организации „Даре Џамбаз“, а учесниците во протестот ќе се движат до Владата, каде ќе останат до 15 часот. 

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons