Немири во Северна Ирска, странци се напаѓани, запален спортски центар
Јавни немири избувнаа синоќа во различни делови на Северна Ирска трета ноќ по ред, при што демонстрантите фрлаа молотови коктели врз полицијата во Балимена, средиштето на немирите, а спортски центар беше запален во градот Ларн.
Стотици маскирани демонстранти ја нападнаа полицијата и запалија куќи и автомобили во северноирскиот град Балимена во текот на изминатите две ноќи немири што полицијата ги осуди како расистичко насилство.
Интервентната полиција со оклопни возила ги блокираа патиштата во Балимена вчера вечерта пред стотици собрани луѓе. Околу дваесетина маскирани млади фрлаа камења, пиротехнички средства и молотови коктели врз полицијата, изјави сведок за Ројтерс. Полицијата ја предупреди толпата веднаш да се растури и употреби водени топови против нив втора ноќ по ред.
Полицијата за немири беше исто така во градот Ларн, каде што маскирани млади луѓе кршеа прозорци во спортски центар пред да предизвикаат пожар во него, покажаа снимките на Би-би-си.
Во центарот се одржувале часови по пливање кога низ прозорците биле фрлени тули, а персоналот морал да се забарикадира внатре пред да избега низ задната врата, изјави за Би-би-си Дени Донели, пратеник од партијата Алијанса.
„Апсолутно нема никакво оправдување за она што се случи во Ларн и мора да се осуди“, изјави за радиото Кул ФМ Гордон Лионс од Демократската унионистичка партија (ДУП), северноирски министер за социјална политика кој ја претставува областа.
Полицијата соопшти дека младите подметнале пожар на кружен тек во градот Њутаунаби, жариште на секташко насилство кое спорадично се разгорува во регионот под британска власт веќе 27 години откако со мировен договор е ставен крај на речиси три децении крвопролевање.
Насилството првично избувна откако двајца четиринаесетгодишни момчиња беа уапсени и се појавија на суд пред три дена, обвинети за обид за силување тинејџерка во Балимена. Обвиненијата им беа прочитани на романски јазик од преведувач, а нивниот адвокат рече дека ги негираат, објави Би-би-си.
Полицијата ја истражува материјалната штета во Балимена, дом на релативно голем број имигранти, како расно мотивирано злосторство од омраза. Две филипински семејства изјавија за Ројтерс дека ги напуштиле своите домови во градот доцна завчера бидејќи се плашеле за својата безбедност откако автомобилот им бил запален пред нивниот дом. Британската и ирската влада го осудија насилството, како и локалните политичари.