Свет

На Милорад Додик му е одземен претседателскиот мандат во Република Српска 

Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина (ЦИК БиХ) на седницата во Сараево донесе одлука за одземање на мандатот на претседателот на Република Српска Милорад Додик, по потврдувањето на правосилната пресуда од страна на Судот на БиХ.

Одлуката за одземање на мандатот беше едногласно усвоена.

Судот на БиХ го осуди Додик на една година затвор и забрана за вршење на оваа и други политички функции во земјата во следните шест години, поради непочитување на одлуките на високиот претставник во БиХ.

Мандатот ќе биде одземен по истекот на рокот за жалба.

Жалбата мора да се поднесе до Апелациониот оддел на Судот на Босна и Херцеговина во рок од два дена од приемот на одлуката преку ЦИК БиХ, во согласност со Изборниот закон на БиХ.

Потоа, се очекува да се распишат предвремени избори за претседател на ентитетот Република Српска во рок од 90 дена.

Редовните општи избори се планирани за октомври 2026 година.

Според Изборниот закон на БиХ, мандатот на избран функционер завршува „на денот на правосилноста на судската пресуда со која е осуден на затворска казна од шест месеци или повеќе“.

Пресудата на Судот на БиХ му забранува на Додик да се кандидира за каква било политичка функција додека не истече шестгодишната забрана.

Милорад Додик претходно изјави дека нема да се повлече од функцијата претседател на РС и покрај правосилната пресуда.

Додик и неговата партија, Сојуз на независни социјалдемократи (СНСД), ја отфрлија пресудата и ја повикаа опозицијата да формира „влада на национално единство“ во РС, како и на заедничко делување во институциите на БиХ додека статусот на РС не се врати во „гарантирани уставни рамки“.

Одбраната на Додик најави жалба до Уставниот суд на БиХ во обид да ја оспори пресудата.

Владата на РС, исто така, објави дека нема да ја прифати второстепената пресуда на Судот на БиХ.

Тие ја оценија пресудата како „правно ништовна, неуставна и политички мотивирана“.

Во серија заклучоци усвоени на специјална седница во Бања Лука во вторник, 5 август, меѓу другото, беше нагласено дека „неуставниот Суд и Обвинителството на БиХ спроведоа политички монтиран процес против претседателот“, кој, како што беше наведено, дејствувал исклучиво во согласност со своите уставни и законски овластувања.

Додик беше прогласен за виновен за потпишување на указ за прогласување закони што високиот претставник во БиХ, Кристијан Шмит, претходно ги поништи.

Со овие закони, законодавните тела во РС се обидоа да го спречат спроведувањето на одлуките на Уставниот суд на БиХ и на високиот претставник на територијата на овој босанско-херцеговски ентитет.

Сообвинетиот во случајот, в.д. директорот на Службениот весник на РС, Милош Лукиќ, правосилно е ослободен од обвиненијата.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons