На Клиниката во Козле има 70 деца, десетина на кислородна поддршка
На Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата во Козле во моментов се хоспитализирани 70 деца, од кои околу 10 се на кислородна поддршка. Дополнително, хоспитализирани се и 15 деца кај кои е потврден вирус на грип од типот А со компликации, изјави за МИА директорката на Клиниката, проф. д-р Катерина Бошковска.
Според неа, дневно на Клиниката се прегледуваат меѓу 150 и 200 деца, што укажува на зголемен интензитет на респираторни инфекции кај најмладите.
Проф. д-р Бошковска појасни дека симптомите на грип најчесто започнуваат нагло, со покачена телесна температура, болка во грлото, болки во мускулите и зглобовите, носна секреција и сува кашлица.
Таа упати и апел до родителите да преземат превентивни мерки, како избегнување собири во затворен простор, редовно миење на рацете, дезинфекција на површини, внесување свежо овошје и зеленчук во исхраната и престој на чист воздух.
„При појава на симптоми на грип, децата да не се носат во градинка, да се изолираат, да се одржува добра хидрација со зголемен внес на течности и да се даваат лекови за намалување на температурата. Доколку симптомите траат повеќе од три до четири дена или се влошуваат со појава на интензивна кашлица, забрзано или отежнато дишење, потребно е да се побара лекарска помош“, нагласи директорката на Клиниката.
Во посериозни случаи, кога е неопходно болничко лекување, децата треба навремено да се упатат во специјализирана здравствена установа, додаде проф. д-р Бошковска.



