Магазин

Највалкани градови во светот – некои од листата не би ги очекувале

Патниците кои сакаат сè да блеска, можеби ќе треба двапати да размислат пред да купат билет за Будимпешта. Според анализата на глобалната компанија за складирање багаж „Радикал сториџ“, унгарскиот главен град е прогласен за највалкан град во светот, пренесува Сити магазин.

Будимпешта се најде на врвот на оваа озлогласена листа бидејќи дури 37,9 отсто од рецензиите кои се однесуваат на чистотата спомнуваат нечистотија, ѓубре или лошо одржување.

Стручњаците предупредуваат дека градот е под притисок поради наглото зголемување на бројот на туристи – само во септември е забележан пораст од 12 отсто во однос на минатата година, што очигледно го надминува капацитетот на градските служби.

На листата доминира Италија, која во првите десет има дури четири града – Рим, Фиренца, Милано и Верона. Рим е вториот највалкан град, а ситуацијата со отпадот е толку лоша што улиците повремено ги преземаат диви свињи.

Веднаш зад Рим е Лас Вегас, град кој, поради својот непрекинат ноќен живот и милиони посетители, едноставно не може да се справи со чистотата. Еден рецензент го опиша како „опасна депонија полна со измет и урина“.

Интересно е што Њујорк, често споменуван како дом на најголемите глодари во светот, се најде дури на 12-то место.

Истражувачите анализирале 100 градови од Индексот на најдобри дестинации на Еуромонитор и прегледале 70.000 рецензии на Гугл на англиски јазик за десетте најпосетувани атракции во секој град.

Тие конкретно се фокусирале на термините „чисто“ и „валкано“ за да добијат увид во вистинското искуство на туристите.

Десет највалкани градови во светот според листата на „Радикал сториџ“ се: Будимпешта (Унгарија), Рим (Италија), Лас Вегас (САД), Фиренца (Италија), Париз (Франција), Милано (Италија), Верона (Италија), Франкфурт (Германија), Брисел (Белгија), Каиро (Египет).

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons