Свет

Нафтата поскапе по договорот меѓу Кина и Трамп 

Цените на нафтата се зголемија за околу четири отсто во понеделникот, откако САД и Кина се согласија да ги ублажат царините, поттикнувајќи ги надежите за крај на трговскиот конфликт меѓу двата најголеми потрошувачи на нафта во светот.

На лондонскиот пазар барел сурова нафта се тргуваше за 2,43 долари поскапо, за 66,34 долари. На американскиот пазар барелот сурова нафта поскапе за 2,51 долари, од 63,53 долари.

САД и Кина во понеделникот објавија договор за привремено укинување на царините по разговорите што се одржаа во Женева за време на викендот. Двете страни се согласија на 90-дневна пауза и најавија дека тарифите ќе се намалат за повеќе од сто проценти до основната стапка од 10 проценти.

Состаноците во Женева беа првите директни средби меѓу високи американски и кинески економски функционери откако американскиот претседател Доналд Трамп се врати на власт и воведе низа царини за трговските партнери низ целиот свет.

Позитивниот исход од разговорите меѓу двете најголеми светски економии би можел да помогне во зголемувањето на побарувачката на нафта додека трговијата меѓу земјите се обновува.

Цените на нафтата на двата пазари се зголемија за повеќе од четири отсто минатата недела, откако трговскиот договор на САД со Велика Британија ги зголеми надежите на инвеститорите дека ќе се избегне економско нарушување од американските царини наметнати на трговските партнери.

Трговската војна меѓу САД и Кина во почетокот на април ги доведе цените на нафтата на најниско ниво во последните четири години.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons