МНР со реакција за пописот во Албанија: Не е реална бројката на Македонци 

Со сериозна загриженост ги нотираме објавените прелиминарни резултати од пописот одржан во Република Албанија, информира денеска Министерството за надворешни работи во земјава.

Оттаму велат дека за техничките нерегуларности при реализација на пописот во Република Албанија укажувале тамошните македонски здруженија. За објавените прелиминарни резултати од пописот, како што велат од МНР, за жал, не ја отсликуваат реалната бројка на етнички Македонци во Албанија.

„Дополнително, министерството изразува незадоволство и остро реагира на употребата на термин „северномакедонци“ и употреба на име на земја како супститут за етничка заедница“, стои во соопштението на МНР.

Амбасадорот на земјава во Албанија, Данчо Марковски, како што информираат од МНР, ќе биде повикан на итни консултации, со цел да се разгледаат можностите за соодветна корекција на направените пропусти и изнаоѓање на адекватни начини за понатамошно заедничко дејствување и унапредување на билатералните односи со Република Албанија.

Според МНР, очигледно е дека била запоставена соработката со надлежните претставници на властите во Република Албанија и со претставниците на Македонската заедница во Република Албанија од страна на претходната политичка гарнитура во државата.

Според податоците од спроведениот попис кои вчера ги објави албанскиот институтот за статистика ИНСТА, во Албанија живеат повеќе Бугари од Македонци. Поточно, живеат живеат 2.281 Македонец, а како Бугари се изјасниле 7.957 лица.

Ова е првпат на попис во Албанија да се попишат лица од бугарска националност. Во сите досегашни 11 спроведени пописи ниту еден жител на Албанија не се изјаснил како Бугарин. На последното пребројување во 2011 година околу 5.500 луѓе во Албанија се декларирале за Македонци.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons