Мицкоски: Не смеат функционерите да заборават дека, макадамот по селата и улиците е повистински, поавтентичен и помек од килимот по скапите хотели и канцелариите
Драги пријатели, драги борци за Македонија,
Драги членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ,
Почитувани граѓани кои си ја сакаат оваа земја,
Почитувана победничка коалиција,
Владина победничка коалиција
Добро вечер и добре дојдовте на 35-иот роденден на ВМРО-ДПМНЕ.
Денеска, кога ја одбележуваме јубилејната година од основањето на нашата партија ВМРО-ДПМНЕ, на денот кога го славиме не само бројот на годините, туку и патот што го минавме како народ и како политичка сила, се чувствувам повикан и обврзан да зборувам за она што сме, што бевме и што ќе бидеме. Овој ден не е само празник, туку повик на одговорност, повик на надеж и повик на заедништво.
ВМРО-ДПМНЕ е продолжение на историското ВМРО, основано во 1893 година, кога нашиот народ, иако под туѓи потчинувања и под притисоци, се бореше за својот идентитет, за слобода, за правда. Ние сме оние кои што ја продолжуваме таа светла и чесна мисија, кои не ги забораваме корените, ни темелите на кои е изградена македонската државност. Не треба никој да заборави дека тоа се темели изградени со човечки страдања, со крикот на илинденците и победата на асномците, со заветот на комитите и војводите, со плејадата мажи и жени кои гинеле за нашата слобода, кои поразите ги надминувале со пркост, а до победите доаѓале со надеж и непобедлива волја. Она што оваа партија ја разликува од другите е нејзината непоколеблива вера во народот, во неговите вредности и во правдата како наш најсилен стожер.
И затоа овие бели и мудри глави кои денес се заедно со нас, но и многумина кои веќе не се со нас, но чие дело го паметиме, ја потврдуваат историската грамадност на оваа организација која постела, постои и ќе продолжи да постои за нашата единствена и најголема кауза – Македонија!
Во растењето на партијата, во нашите порази и победи се вклучени многу наши браќа и сестри. Оние кои се наши истомисленици, но и оние кои размислувале различно, но сепак ги споделуваат нашите идеи и во чии срце е ВМРО, сакам да испратам благодарност за нивната преданост и нивната искрена желба за Македонија. ВМРО-ДПМНЕ за многумина е партија, но и за многумина од нас е пред се идеја што не запира и вредности кои носат промени. Тие промени ја донесоа независноста, таа жед за своја држава донесе да учествуваат во создавањето на темелите на државата, кои многупати потоа беа силно разнишувани, разјадувани и имаше обиди да бидат уништени. Но ние не се откажвме. Затоа што верувавме во нашата идеологија и затоа што си ја сакаме нашата татковина.
Но, мораме да признаеме – периодот што го оставивме зад нас не беше лесен. Последните седумгодини, беа години на катастрофално владеење од страна на СДСМ и ДУИ, полни со корупција, предавства и разнишување на нашите институции. Институции кои беа столбови на државата, за жал,беа рушевини. Вербата на народот беше разнишана, економијата заглавена, политичарите потонати во корупција, стандардот на граѓаните паѓаше од ден на ден. Луѓето беа разочарани, уморни, полни со апатија, страв и неизвесност. И токму поради ова, нашиот влез во Владата пред една година беше повеќе од промена на една обична владинагарнитура. Тоа беше нов почеток и потврда дека народот не заборавил, дека народот не се откажал, и дека сега почнуваме да градиме темели – темели на промени, темели на чесност, темели на работа и темели на правда.
Ние не сме тука да ветуваме лесни приказни или брзи решенија. Не!…Ние сме тука да направиме она што е правилно, да ги исправиме грешките и да ги санираме штетите од минатото. Се знае, нема назад!
Со неизмерна чест и одговорност стојам пред вас на овој ден кога одбележуваме 35 години од основањето на нашата партија — нашата голема, наша вечна идеја. Идејата која не прекинува, која не паѓа, која гори во срцата на секој од нас. ВМРО-ДПМНЕ е повеќе од политичка организација. Тоа е жив дух, потекло и продолжение на македонската борба за слобода и правда. Нашата партија, како идеолошкинаследник на историското ВМРО, го носи товарот и светлината на една борба што трае повеќе од век и половина. Од првите денови на Внатрешната македонска револуционерна организација, која се крена против неправдата и угнетувањето, па до денес, кога ние се бориме против невидливи, но не помалку опасни непријатели – корупција, предавства и уништување на институциите.
Ние сме партија која стои на темели на храброст, достоинство, родољубие и чесност. Партија во чии штабови, на чии настани сеуште се живи приказните и се раскажува за жртвата на Христо Узунов, се поклонува пред делото на Гоце Делчев, сеуште се паметат херојските дела на Александро Турунчев, Горче Петров, Карев. На овие темели градиме иднина. И затоа денеска, во ова време на надеж, ви велам – ВМРО-ДПМНЕ е светилникот што ја осветлува темнината која долго време ја покриваше нашата земја.
Нашата држава беше предмет на долготрајно уназадување и разрушување. Седум години владеење на ДУИ и СДСМ кои оставија, навистина,длабоки рани. Рани кои се гледаа во секоја институција, во секој агол од нашата Македонија. Корупција што ги рушеше темелите на правдата. Предавства што ги поткопаа државните интереси. Руинирање на институциите, со што нашите граѓани останаа разочарани и без надеж, но, со силна решеност, народот повторно да ја зема власта во свои раце. ВМРО-ДПМНЕ застана како вистински чувар на промените кои се неопходни. Целата наша енергија и секој наш чекор се насочени кон обновување и стабилизација на државата. Затоа, да не заборавиме – нашата фотелја не е крајна цел, туку должност. Должност кон народот, кон Македонија.
И немојте никогаш да забравите од каде потекнуваме, од каде доаѓаме и конечно, каде ќе се вратиме по сето ова. Најскапата работа што еден човек може да ја остави на своите потомци, не се парите, не е имотот, туку честа и чистиот образ. Како што мудро знаат нашите да кажат, не смеат функционерите да заборават дека: макадамот по селата и улиците е повистински, и поавтентичен и помек од килимот по скапите хотелите и канцелариите. И тоа е така поради реалноста која ја има во себе и чекорот на своите сограѓани кои чекорат по него, а фотелјата е секогаш понеудобна од гајбата пред кооперација, поради тоа што таму извира твојата моќ и твојата цел. Токму затоа, сите функционери во нашата партија мора да бидат свесни дека ова што го работиме не е лична игра, туку служба. Клупата во вашите маала е таму кај што мора да знаете дека еден ден пак ќе се вратите и ќе мора луѓето таму да ги погледате во очи и со гордо крената глава да им одговорите, јас го направив тоа за вас, јас се борев за вас, и да не се срамите и да се криете од нивните прекорни погледи.
Несовесното седење во фотелјата носи срам и разочарување. Достојното и пријателско седење на столчето или гајбата пред кооперацијата, на клупата во маалото, носи пријатели, поддржувачи и вистинска сила за идејата. Таму лежи основата на вистинската политичка иднина на честа и на нашиот образ.
Во овие мигови на промени, апелирам до сите наши функционери и членови: не заборавајте кој сте, од каде дојдовте, и кому му служите. Никој не смее да дозволи бахатост, агонија од моќ и корист да го заматат погледот. Да демонстрираме волја и докажеме пред народот дека ВМРО-ДПМНЕ е вистинскиот избор, дека не сме исти како оние кои владееја со земјата во минатото.
Драги браќа и сестри,
Ние сме новата надеж. Ние сме промената која не се плаши да се соочи со предизвиците, да ги поправи грешките и да постави правичен ред и правда. Владата којашто ја предводи ВМРО-ДПМНЕ ја презеде одговорноста во време кога економијата беше во криза, кога граѓаните беа загрижени и разочарани. Но денес, со гордост можеме да кажеме дека нашата држава е една од најбрзорастечките економии во Европа со четвртиот највисок економски раст на бруто домашниот производ.
Сепак, ние не треба да се фалиме со бројките. Знаеме дека овој раст не е доволен, дека народот сè уште не го чувствува подобрувањето во својот секојдневен живот. Затоа упорно работиме на санирање на штетите од минатото, на создавање стабилна и предвидлива економија, на отворање на нови работни места, подобрување на услови за сите работници, посебно младите, земјоделците и пензионерите. Македонија нема повеќе да биде земја на понижување и предавство. Нашата надворешна политика е достоинствена, принципиелна и се темели на заштита на нашата заедничка историја, култура и идентитет.
Не можеме да дозволиме да не кодошат во странство оние кои треба да бидат чувари на националните интереси. И да не мислат дека ветувањата за отстапки, деградации и понижувања ќе ги донесат повторно во Владата. Народот е свесен и нема да дозволи повторно да биде измамен. Она што Венко Филипче го направи во Атина само не потсети дека кодошењето на сопствената земја не е туѓо и не смее да се заборави, за да не се повтори.
Ние не сме тука за да изградиме праведно општество, во кое нема да има непривилегирани, туку напротив ние сме тука за да изградиме општество во кое ќе нема привелигирани. Тука сме за да изградиме правда за сите. И за тоа ќе бидеме безмилосни кон секој кој ќе ја злоупотреби довербата на народот.
Драги пријатели, знам колку тешко се живее во Македонија. Ги слушам вашите приказни, вашите грижи, вашите надежи. Затоа и велам дека оваа влада ќе продолжи да работи максимално, без одмор, без отстапки, до моментот кога секој човек ќе ја почувствува промената.
Имам една лична приказна која ќе ја споделам со вас. Пред многу години, како млад човек од автентично семејство, сфатив дека ништо не доаѓа само од себе. Мојот татко велеше: „Може да имаш многу амбиции, но без чесност и труд, ништо не се гради.“ Тој совет ми стана животно мото. Ние сме тука, заедно, да ја изградиме Македонија каква што ја сакаме – силна, слободна, горда. Секој од вас е дел од оваа борба. Нашата идеја не запира. Нашите вредности носат промени. Со вера во иднината и со непоколеблива надеж, верувам дека најдоброто допрва доаѓа. Благодарам на сите основачи, борци, членови на ВМРО-ДПМНЕ кои со љубов и посветеност го чуваат овој дух и ја водат нашата партија кон светла иднина.
За Македонија. За народот. За сите нас.
Во секоја историска борба, а особено во онаа на нашиот народ, која трае со децении, клучот за успехот лежи во единството и свесноста за одговорноста што ја носиме како наследници на нашата земја. Не сме тука за да се бориме за фотелји или моќ, туку за да создадеме вистински вредности кои ќе останат засекогаш и ќе ги препознаат идните генерации. Се сеќавам како после седумте години катастрофално владеење на ДУИ и СДСМ, кога нашите институции беа разнишани, корупцијата цветаше, а идентитетот и националниот интерес беа на удар, многумина помислија дека нема спас за Македонија. Но токму тогаш, во најтешките моменти, ние одлучивме да преземеме одговорност и да покажеме дека има надеж.
Ние не сме партија која ветува празни зборови. Нашите дела се најсилната порака. И затоа во првата година од оваа влада, успеавме да ја стабилизираме економијата. Но тоа не е доволно. Народот го чувствува товарот од минатото и сè уште очекува промени кои ќе ги подобрат животите.
Затоа, сега повикувам на искрена самокритика и совест кај секој член и функционер на ВМРО-ДПМНЕ.
Силна Македонија не се гради само со бројки и економски показатели, туку и со чување на традицијата и вредностите кои нè дефинираат како народ. Конзервативните вредности на семејството, традицијата, трудот, честа, нацијата, редот, правдата и одговорноста се нашиот стожер. Тие вредности нè водат низ темнината и нè крепат во времето на предизвиците. Секоја промена почнува од дома, од личната одговорност и од свеста дека само заедно можеме да направиме голема разлика. Ние не сме тука за себе, туку за народот. Тука сме за Македонија и за иднината на сите граѓани во Македонија.
Не заборавајте, нашата партија е иднина на борците од 1893-та, борците кои со крв и солзи ја изградиле нашата држава и култура. Ние сме нивни следбеници, а ова наследство нè обврзува да бидеме чесни, силни и непоколебливи. Сите ние, од најмалиот член до највисокиот функционер, мораме да го чуваме ова наследство со чист образ и посветеност.
И токму во овој контекст ги споменав претходно и однесувањата на претседателот на се уште најголемата опозициска партија СДСМ, пред кои не можеме да молчиме, неспособноста и предавствата кои со зачуденост јасно ги гледаме. Народот веќе ја знае вистината. Ние сме сведоци на тоа дека македонската жица на овие политичари свири само кога ќе се објави тендер или лична корист. Ова се нови времиња, кога народот има очи да гледа и памет да не биде излажан. Ние нема да дозволиме да се повтори истата приказна. Ќе ги држиме на одговорност сите кои ќе се обидат да ја злоупотребат довербата на граѓаните. Секој ќе одговара пред законот.
Но оваа борба како што кажав, не е за политички поени. Ова е борба за нашите деца, за нивната иднина, за достоинствен живот во сопствената татковина. Понатаму, нашата влада ќе продолжи со имплементација на конкретни проекти кои ќе донесат вистински економски развој и подобрување на стандардот. Секој од овие чекори е дел од нашата стратегија за долгорочен развој. Нашата желба е секој граѓанин да почувствува подобрување во својот живот. Затоа и велам – тешко е сега, но нема да отстапиме, нема да се откажеме. Јас сум горд што сум дел од овој тим и во Владата и во партијата. Мојата лична приказна е приказна за човек кој не се предал, кој верувал во Македонија, верувал во нејзините граѓани.
Од скромни почетоци, преку тешки моменти, до позиција на претседател на Владата, секогаш ми била водилка љубовта кон татковината и желбата да оставам подобра иднина за моите деца и за сите македонски семејства. Верувам во вас, верувам во народот, верувам во Македонија. Нашата идеја не запира, нашата волја не се крши, а најдоброто допрва доаѓа. Заедно, со чесна работа и срце полно надеж, ќе ја изградиме Македонија каква што заслужуваме.
Би сакал во оваа прилика да ми биде дозволено да им се поклонам на нашите основачи, на сите борци за ВМРО, на сите кои воздивнуваат и треперат при секој предизвик на нашата партија, и се подметнуваат и искрено се радуваат и втемелуваат во секој успех. На сите вас, на сите кои од 90-та до денеска се вградиле во оваа партија, во ова движење, во оваа енергија, која ја носеше и канализираше мислата и идејата за слободна, демократска и независна Македонија, со свој идентитет и стремеж, да биде горда членка на европското и евроатланското семејство.
Ние не сме тука по случајност. Тука сме затоа што идејата за Македонија, како суверена, достоинствена и праведна држава, не умира. ВМРО-ДПМНЕ како што кажав во повеќе наврати во ова мое денешно обраќање не е само партија. Вредност, идеологија, љубов. Тоа е макотрпното градење на домот на секој македонски човек.
Им благодарам на синовите на ВМРО-ДПМНЕ кои не нè изневерија, ни кога беше најтешко. И на сите вас. На секој кој и без ништо, без да бара сатисфакција — гласаше, се бореше, веруваше, затоа што нема поголема сатисфакција од тоа да знаеш дека една идеја, твојата идеја живее и не запира, ВМРО-ДПМНЕ живее и ќе живее.
Драги сопартијци, симпатизери, поддржувачи, почитувани коалициони во Владата, почитувани граѓани.
Како што мудро рече Теодор Рузвелт: „Најголемата чест во животот не е никогаш да не паднеш, туку да се кренеш секојпат кога ќе паднеш.“ И ние сме тука, како народ, да се кренеме по секој пад, по секоја битка и по секоја тешкотија.
На крајот, сакам да споделам лична приказна од моето детство. Кога бев мал, татко ми често ми велеше: „Секогаш носи чест во срцето и никогаш не заборавај дека секој што ќе сретнеш е потенцијален сојузник или предизвик, предизвик за твојата душа.“ Тоа ме научи да ги слушам луѓето, да ги разберам нивните маки и надежи, да живеам со нивните слабости и секогаш да ги чувам вредностите на ВМРО – чест, борба и заедништво. Ние не сме политичари. Ние сме чувари на иднината на Македонија, чувари на идејата што не запира и вредностите што носат вистински промени.
Драги браќа и сестри,
Понекогаш, кога одам назад до моето старо маало, седнувам на истото столче. И гледам: не се сменило многу. Само што тогаш зборувавме за соништата, а денес зборуваме и работиме на план како ќе ги оствариме.
Ќе успееме. Не заради нас, туку заради децата наши. За нив, и за секој човек кој верува дека Македонија е местото каде што сонувањето има смисла.
Да живее Македонија!
Да живее ВМРО-ДПМНЕ!
Идејата што не запира. Вредностите кои носат промени.
Сега е времето Македонија кое доаѓа!
Бог да ја благослови Македонија.
Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ