Мицкоски: Нема да има данок за немажени и неженети, сакав да го свртам вниманието дека има мал број на новородени дечиња и дека Македонија умира
Во одговор на новинарско прашање, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски рече дека нема да има данок за немажени и неженети. Тој истакна дека е загрижен за демографската состојба во Македонија и дека за жал, тивко исчезнуваме и умираме.
,,Се разбира дека нема да има таков данок. Јас се извинувам на тие коишто можеби погрешно ја протолкуваа таа моја иницијатива. Но, факт е дека сум исклучително загрижен за демографската состојба во Македонија. И факт е дека како претседател на Владата моја одговорност да бидам загрижен за демографската иднина на мојата татковина. Затоа што јас сум претседател на Владата којшто исклучително длабоко се занимава со демографијата и демографските движења, не само кај нас во Македонија туку и пошироко. Но, она кое што можам да го заклучам е дека ние тивко исчезнуваме и изумираме. И тоа поминува така незабележано, и тоа поминува така, како да е општо прифатен факт и ние треба да се помириме со тоа. Јас не можам и би било неодговорно од моја страна да се помирам со фактот да во 2016 година се родени 23 илјади бебиња во Македонија, а во 2024 – 16 илјади. Тоа е рецесија од 30 проценти’’, нагласи Мицкоски.
Мицкоски истакна дека и во однос на новосклучените бракови имаме намалување и дека сериозно како држава, но и како поединци треба сериозно да се позанимаваме во однос на ова.
„Во 2021 година имаме нешто повеќе од 13,300 брака, а во 2024 година, 3 години потоа имаме 11,100 брака. Тоа е 17% рецесија. И кога јас би бил сопственик на компанија, и кога јас би се грижел за мојата компанија, и кога би имал вакви параметри, јас озбилно би се позанимавал што правиме и каква ќе биде иднината. А, не да премолчувам и да гледам како ми поминува пред очи и ми завршува сето она кое што сум вложувал. Јас ја сакам мојата држава , го сакам мојот народ, ги сакам граѓаните на оваа држава. И немаше да биде, и нема да биде неодговорно ако јас тоа го премолчам’’, рече Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, појасни дека и финансиската поддршка не секогаш е решението за овој проблем. Мицкоски објасни дека дури и една од најбогатите светски економии како Јужна Кореја има потрошено 270 милијарди долари во последниве 15 години, за да стигне до ставка од 0.75% фертилитет.
„Земји како Јужна Кореја имаат за 15 години потрошено над 200 милијарди долари за 15 години и стигнале до ставка од 0.75% фертилитет. Значи не е до финансиите, туку до срцето и главата е. До желбата и до умот. Затоа треба од најмали да работиме со децата. И затоа инсистирам во читанката поим не да се јас, мама и тато, туку да биде јас, мама, тато, бато и дада. Ако сакаме да опстоиме како народ и како нација и како држава, тоа е иднината и мора да се бориме против ова и јас јавно повикувам на ваква дебата, сите заедно да видиме што можеме да направиме’’, заклучи Мицкоски.
Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ