Македонија

Мицкоски на прославата за Свети Кирил и Методиј, повика на единство: Обединети, не само што ќе опстанеме, само така и ќе победуваме 

„Почитувана ректорка на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ проф. д-р Биљана Ангелова,

Почитуван поглавар на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, Јустинијана Прима г.г. Стефан,

Драги колеги, почитувани екселенции, уважени гости и пријатели,

Денес го празнуваме споменот и делото на светите браќа Кирил и Методиј, нашите првоучители, светилници на словенската писменост и темелот на нашата духовна и културна самобитност.

Овие двајца браќа, благородни по срце и ум, ни го оставија најголемиот подарок — писмото, словото, гласот на нашиот идентитет.

А да не заборавиме дека најголемите потоа ја опишуваа вредноста која овие браќа ни ја оставија и еве повеќе од еден милениум е нашиот светилник низ сите бури, низ сите предизвици и животни стрмнини кои ги искачуваме.

„Јазикот е темел на вредноста, јазикот е вистински темел на народноста. Без свој литературен јазик, еден народ е како човек без душа“, велеше големиот Мисирков.

„Без јазик нема народ“, говореше Блаже Конески.

А јазикот, нашето слово, започнува токму со нив.

Свети Кирил, со духовна проникливост, ја создаде глаголицата, првото словенско писмо, кое подоцна, со трудот на учениците, ќе се развие во кирилицата — нашето писмо. Неговиот брат, Свети Методиј, како мудар учител, се бореше тоа слово да добие место меѓу јазиците на богослужбата — рамо до рамо со латинскиот, грчкиот и еврејскиот.

„Словото Божјо треба да биде разбрано од сите народи, во нивниот мајчин јазик“, велеа светите браќа.

Таа борба за право на свој глас, право на своја духовност, е основата на нашата вековна борба за самостојност, идентитет, и национално достоинство.

Нивната мисија продолжува преку секој ученик што учи да чита, секој писател што твори, секој наставник што пренесува знаење. Тие не се само минато, тие се вековен мост кон иднината.

Денес, кога нашиот народ стои пред нови предизвици, кога светот се обидува да нè дефинира и објаснува, токму нивната мисија нè потсетува кои сме.

„Не плашете се од вистината, таа е светлина која не се гаси“, велеше Свети Кирил. И таа светлина не згаснала. Таа гори во срцето на секој Македонец што го сака својот јазик, својата култура, и својата татковина Македонија.

И за време на ваквите денови вообичаено во одредени кругови следи, би рекол една простодушна дебата за тоа кои се Светите браќа, чии се, на кому му припаѓаат, и притоа без исклучок се пропушта да се види големата слика, без да се помисли за тоа колку на овој начин и со таква дебата се гази по нивното дело, се заборава нивната улога, и колку е безначајно прашањето чии се, во споредба со прашањето дали и колку ги применуваме нивните пораки, зборови и завети кои ни ги оставија.

И никогаш нема да навлезам во таквата несуштествена реторика, затоа што ние самите не смееме да се поткопуваме себеси и најдобро знаеме кои сме, и од што сме создадени.

Може ли да се одреди една шума со многу родови од која билка почнала да се создава. Може ли да се одреди кое зрно песок било првото, тоа семе на мудроста и светлината беше посеана од Светите Кирил и Методиј низ целиот словенски род, а Македонија доби слово, писменост и духовна мудрост низ вековите.

Од тоа семе кое е наш „светилник низ вековите и за иднината“ изникнаа и најдобрите нивни ученици Свети Климент, Свети Наум, Горазд, Сава, Ангелариј. Така се роди и нашата света Македонска православна црква, со многувековен континуитет, чиј директни темели се светата Охридска архиепископија кој е идентична со поранешната Архиепископија Јустинијана Прима.

И овој мој говор и оваа наша свеченост се случува во Црквата Света Софија која беше и историски соборна црква на славната Охридска Архиепископија, и токму меѓу овие ѕидови, фрески се славеше многувековно Бога, но и се раѓаше и негуваше нашата култура, нашиот идентитет и засилуваше нашето постоење. И затоа нашата Македонска православна црква е еден од најсилните бедеми на нашиот народ. Таа е мајката на нашиот духовен раст низ вековите, нашето засолниште и најсилен доказ за нашето постоење. Секој удар по нашата црква е удар по Македонија, по нашето постоење и битисување. Треба секој од нас да ја чува црквата, да ја почитува и да се бориме да придонесеме што повеќе со единство и знаење да победуваме на темите важни за нашата иднина. И ова однесување треба да биде подеднакво и внатре и надвор, и за оние во врвката и надвор од нејзе.

Така треба да се однесуваме и кон сите наши огништа кои се потврдата за нашето постоење. И кон најстариот Универзитет Свети Кирил и Методиј и кон нашата Македонска Академија на науките и уметностите која била и продолжува да соединува многу мудри и достоинствени умови, синови и ќерки на нашиот народ и држава.

Затоа што не сме премногу да се двоиме, и не сме пресилни за да се разединуваме.

Гане Тодоровски пишуваше:

„Малцичка сме ли ете па што,

малцичка божем а веќе со векови,

по стопати по севезден нè пребројуваат,

но ние сме како што сте како што се

И покрај сè и покрај сè,

колку сме толку сме токму сме!“

Драги пријатели,

Сакам да се осврнам на две теми кои се суштествено важни за нашето постоење. Првата се надворешните напади, блокади и негирања со кои еве 30 години како држава се соочуваме. Тие се насочени кон разјадување на темелите на нашето постоење. Нашето знаме, народ, химна, јазик, култура. Мора да бидеме свесни дека многумина нашето битисување на овие простори не ги прави среќни.

После сите негирања, кочења, напади многумина може да го донесат заклучокот, „добро дали постои нешто што не негираат?“. Пред да го дадам одговорот на ова прашање, морам да кажам дека како човек и како претседател на Владата сум многу спокоен, затоа што знам кој сум, знам кои сме и што сме. И не треба да не вознемируваат таквите негирања, затоа што во глобалниот свет на поголеми и помали, на посилни и послаби, тоа е природен процес на докажувања. На помалите народи им преостанува да играат мудро и стабилно. А во однос на негирањата одговорот ќе го добијат одговор и тие и сите други во оригиналните списи кои во оваа прилика се изложени на десетина метри од местото на овој мој говор. Со оригиналните ракописи на еден од многуте „големи“ за нашиот народ.

Ѓоргија Пулевски еден од најзначајните личности во македонската историја, борец за национална самобитност, писател, револуционер и еден од првите што го истакнуваат постоењето на македонската нација и јазик, пред два века напиша:

„Јас сум по народност Македонец, Македонците се народ, а не племе, и да сакаме да имаме свои книги, свој јазик и своја многу вековна историја.“

Свети Кирил и Методиј во деветтиот век создадоа глаголицата и го преведоа Светото Писмо на старословенскиот јазик. Пулевски, девет века подоцна, го продолжува нивното дело но во нов контекст – борба за национален јазик и идентитет на Македонците. Тој настојува македонскиот јазик да добие литературна и национална легитимност во време кога тој не беше официјално признат. И Кирил и Методиј и Пулевски го користат јазикот како средство за еманципација – едните духовна, другиот национална.

Веднаш до тие ракописи, стојат оригиналите од пишувањата на Крсте Петков Мисирков кој велеше: „Секој народ има право да создаде свој литературен јазик, и тоа право им припаѓа и на Македонците. Денес треба да се определиме – дали сакаме да бидеме народ со своја посебност или ќе се изгубиме во туѓите народи.“

Овие грамадни големи ни се паметници за нашето постоење, но и тие ракописи се порака кон нас самите. Ниту една наша отстапка на наша штета овие триесет години не ќе беше возможна доколку не наидоа на пукнатини во нашите редови, ќе повторам ниту една отстапка да биде возможна доколку не наидоа на пукнатини во нашите редови, доколку не направеа процеп на наша штета. На излегување ве молам добро да ги видите и прочитате. И запаметете сите ние сме онолку силни, колку што е силна најслабата алка во синџирот.

Втората тема на којашто сакам да се осврнам се токму тие наши домашни превирања, внатре државни сопки кои ги правиме пред очигледните притисоци однадвор. Замислете позиција каде ќе бидеме единствени, едногласни за најважните прашања, нешто што реално не се случуваше овие повеќе од 30 години. Замислете позиција каде нема да се делиме пред надворешните фактори, нема да паѓаме во нивните очи преку математиката на броење на прозападни и происточни крвна зрнца, каде ќе ги искористуваме сите шанси кои ни ги дава историјата за приклучок кон големите процеси на европско и светско ниво. Замислете позиција каде власта и опозицијата ќе делуваат единствено, нема да имаме внатрешни процепи, каде секој политички чинител, своите слабости и не поддршка од народот нема да ја надополнува преку попустливост пред оние предизвици коишто доаѓаат од надвор. Притоа морам да кажам дека судбината и шансата на малубројните народи е да се пронајде на мудар начин во интересите на големите играчи на политичката сцена. Тоа е единствениот начин на кој можеме да опстоиме. И ова добро мора да го запаметат и оние од опозицијата кога го напаѓаат договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство, па кажуваат дека долгот ќе се зголемел поради инвестициите, па лагата дека мигранти ќе се носеле, само за да издејствуваат некој политички поен за себе. Едноставно, и во историска и во секоја друга смисла не вреди таквата реторика, и се прави штета на државата.

Замислете каде ќе бевме сега доколку пред повеќе од 30 години направевме силни пактови со нашите стратешки партнери, западни сојузници, доколку тогаш и во сите години потоа не се делевме, не се каравме за стратешките цели и склучувавме пријателства од кој бенефит ќе имаа сите граѓани. Не одете подалеку, погледнете неколку од нашето соседство, кои имаа таков пристап, тие отидоа и подалеку и посилно, затоа што ги фатија и приграбија историските шанси.

А да не заборавиме, додека сите тука заедно седиме во удобни одела, и меки седишта, во ниту еден момент не заборавајте дека народот живее тешко, мачно и некои процеси како иселувањето се многу болни и штетни.

И ова не се случи од вчера, туку ова тивко умирање е најглавниот предизвик со кој мораме да се соочиме. Ова се проблемите со кои заспивам и се будам. Но воедно ова се проблемите за чие решавање треба сите заедно да работиме.

За да направиме квантни скокови потребно ни е градење на државно и национално единство. Подавање на рака, и клучна согласност за најважните прашања за татковината. Не барам јас единство за секое, туку за најважните прашања. Единството не значи да бидеме исти, туку да бидеме заедно во нашите разлики. Моите напори како човек кој ја има одговорноста да ја предводи Владата е да решам што е можно повеќе проблеми заедно со луѓето коишто се мои соработници, но и да постигнам единство важно за државата. Мојата порака е за мобилизација на секој креативен потенцијал во функција на заедничката иднина, да постапуваме мудро и со голема енергија за промени. Да ја препознаеме важноста на моментумот, да имаме договор и консензус за иднината на државата.

Во минатото народот постојано чекаше да помине нечие време. Му велеа почекај треба да помине времето на транзицијата, потоа почекај време е сега за поинакви воени конфликти, па време на економски должнички кризи, па мора да се помине времето на преговори за големите алијанси, уставни кризи и на што уште не помина овој народ. Но јас ви велам дека нема време за чекање и дека доаѓа сега единственото време, а тоа е времето за Македонија.

Мојата среќа лична е целосна неважна, доколку народот е несреќен. Што сме ние во однос на прашањето и предизвикот да победиме за Македонија, конечно после повеќе од 30 години да дојде не моето, туку да се избориме за времето за Македонија. А за да имаме прогрес мора да веруваме и цврсто да се држиме до принципи. Разликата со многумина е што едни на политичката сцена живеат од државата, а други за државата. Мора да постигнеме одговорност и никогаш, ниту до сега, ниту од сега нема да потклекнам на притисоци ниту ќе правам пакт со криминал и оние кои имаат намера да ја осиромашат државата или да случат пактови на штета на идентитетот на граѓаните на Македонија. Не заборавајте дека најдоброто од нашата историја е пишувано со жртва, доблест и единство.

Махатма Ганди велеше дека: „Вистинскиот патриот е тој што ја сака својата земја доволно за да ја подобрува, а не слепо да ја следи.“

Денес, повеќе од кога било, сме исправени пред предизвикот да ја зацврстиме најголемата вредност што една нација може да ја има, а тоа е единството.

Тоа значи да разбереме дека различноста не е слабост, туку сила. Силна е таа земја чии граѓани стојат еден покрај друг, не поради страв, туку поради заедничка надеж. Не затоа што мораат, туку затоа што веруваат во таа нивна заедничката иднина. Нашата историја е сведоштво за тоа што можеме да постигнеме кога сме обединети. Во најтешките времиња кога сме биле притиснати, поделени, па дури и кога ни било одземено правото да зборуваме со свој глас секогаш сме се издигнувале преку заедништвото.

Денес, единството не се бара само на барикадите или во одбраната туку во секојдневието. Во начинот на кој разговараме, на кој решаваме проблеми, на кој ја градиме нашата држава. Да бидеме нација кој не се плаши од разлика, туку која прегрнува. Народ кој знае дека само со заеднички чекори може да оди напред.

Да не заборавиме: Нема поголем патриотизам од тоа да се обединиме за доброто на сите. Не за поединци, не за партии, туку за нашата татковина. Нема западна или источна, нема држава на оваа или онаа партија, туку само единствена Македонија.

И затоа, и затоа, денес не зборуваме само за минатото туку ја славиме нашата истрајност, нашата решителност, нашите победи.

Потребни ни се победи. Победи кои не секогаш се мерат со фанфари или со наслови на весници, туку со секојдневната борба за обичниот човек, за трудот на работникот, за знаењето на учениците, за вербата на младите, и за мудроста на нашите постари.

Ние сме народ кој многупати бил потценет, но никогаш покорен. Народ кој чекори исправено.

Нашите победи се тивки, но длабоки. Не се само за нас тие се порака до светот.

Ние сме земја можеби мала по територија, но голема по срце и затоа, кога ќе погледнеме напред, да не се плашиме туку да се гордееме.
Да веруваме во тоа што сме, и уште повеќе во тоа што можеме да бидеме.

Обединети, ние не само што ќе опстанеме ние само така ќе победуваме.

Да живее нашата заедничка татковина и Бог да ја благослови Македонија!“

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons