Мицкоски за прислушуваните материјали: Ме следеле мене, но и моите деца, речиси исти луѓе блиски до некоја мината власт, оперираат со системот
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски денес во своето обраќање по повод 8 Септември – Денот на независноста се осврна и на новиот скандал со прислушкувањето, нагласувајќи дека се следи и прислушкува од 90-тите години и една иста структура, речиси исти луѓе и оперативци, блиски до некоја мината власт, оперираат со системот, додавајќи дека со ваквите чекори се удира по основите на демократијата, се удира по уставниот поредок, а последиците на таквиот извитоперен систем не само што уништуваат генерации луѓе, туку и ја доведуваат во опасност целата држава, каде на тацна го ставаат безбедносниот систем.
„Само кусо да се осврнам на една тема од секојдневието која пак има важност за покрупната слика за системот во кој опстојуваме. Тоа е прислушкувањето. Нелегалното, незаконското прислушкување и злоупотреба на системот. Се следи и прислушкува од 90-тите години. И една иста структура, речиси исти луѓе и оперативци, блиски до некоја мината власт, оперираат со системот. Со ваквите чекори се удира по основите на демократијата, се удира по уставниот поредок, а последиците на таквиот извитоперен систем не само што уништуваат генерации луѓе, туку и ја доведуваат во опасност целата држава, каде на тацна го ставаат безбедносниот систем. Ваквите удари уништуваат и човечки судбини, најчесто измислувајќи ситуации, контакти, додавајќи работи кои во суштина не постојат.“, вели тој.
Мицкоски нагласи дека не е прашање дали материјалите ќе се декласифицираат, тука прашање е како да се спречи ваквата злоупотреба и повеќе ова да не се повтори.
„За ова сум сведок и јас лично, гледајќи го материјалот поврзан со мене, а богами и со моето семејство. Ајде разбирам јас, ама децата?! И тука сакам да подвлечам: не е прашањето дали ќе се декласифицираат материјалите-тоа е сосема ирелевантно и на таквите работи гледам како на страв и паника на оние кои повикуваат на такво нешто, и како на изговор за дефокусирање од вистинските дилеми.
А да не зборувам што со тоа се разоткрива и расклинкува цел еден оперативен систем. Вистинското прашање е како да ги спречиме злоупотребите и повеќе ова да не се повтори.“, рече премиерот Мицкоски.
„Тоа ќе се случи само и само кога ќе има одговорност. А одговорност мора да има. Сите материјали од институциите и сознанија за незаконското следење се предадени на обвинителството. Ги знаеме нивните слаби капацитети и за жал ниската доверба во нив, но овој случај ќе го следиме одблиску и само да знаат дека оваа работа нема да се стави под тепих.
Ова е прашање на опстојување на државата. И во периодот што следи ќе се одмотува овој гордиев јазол.“, истакна Мицкоски.