Мицкоски: Ако нема договор за избори до крајот на летотот следува целосна блокада на институциите и протести и блокади во градовите
Ако нема договор за избори ова лето, ќе преминеме кон целосна блокада на институциите и протести, најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на вечерашниот протест пред Владата. Блокадата, како што рече, ќе биде за спас од штетата која сега ја плаќаме.
– Некој ќе праша дали од сето ова ќе има штета. Одговорот е дека најголемата штета сега ја плаќаме, а нашата блокада ќе биде за спас од таа штета. Нема време за чекање затоа што кризата ќе биде уште поголема и уште пофатална. Најтешката зима следи, а со оваа влада ќе биде вистинско економско цунами за народот, рече Мицкоски, додавајќи дека ова лето ќе биде протестно лето.
Рече дека од денес ќе прифати единствено средба со премиерот Димитар Ковачевски на која ќе се разговара само за предвремени избори и за клучните прашања.
– Пред неколку месеци до Ковачевски понудив тимови за помош во повеќе клучни области и средба на која ќе зборуваме за сето тоа. Но, до денес нема никаков одговор. Од денес единствената средба што ќе ја прифатам е таа на која ќе зборуваме само за клучните теми за Македонија и за предвремени парламентарни избори, рече Мицкоски.