МВР уништи над 4.000 тони марихуана и стотици парчиња оружје
Во кругот на фабриката „Макстил“ денеска беа уништени големи количини запленета дрога и нелегално оружје, во организација на Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за управување со одземен имот и надлежните државни комисии.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски порача дека „во Македонија дрогата и нелегалното оружје немаат иднина“, нагласувајќи дека со секој ваков процес државата ја крева безбедноста на граѓаните, особено на младите, на повисоко ниво.

„Денеска уништивме над 4.000 тони марихуана, 18.000 стебла марихуана, 79 килограми цвет и над 21 килограм други видови дрога – амфетамини, кокаин, хероин. Уништени се и над 100 парчиња оружје и повеќе од 1.000 чаури и компоненти од оружје,“ изјави Тошковски.
Тој појасни дека станува збор за заплени од претходните години за кои веќе завршиле правосилни судски постапки, но најави дека во иднина ќе следуваат уште поголеми количини за уништување.

„Испраќаме јасна порака до сите граѓани кои беа подложни на криминални банди во Скопје, Западна Македонија и југоисточниот дел од државата – дрогата и оружјето кои беа во нивни раце ќе бидат запленети и уништени,“ додаде министерот.