Макс Ферстапен славеше во Монца и ја извозе најбрзата трка во историјата на Формула 1
Макс Ферстапен триумфираше во Монца пред двоецот на Мекларен, возачот на Ред Бул ја извозе најбрзата трка во историјата на Формула 1 откако мина низ целта за 1 час, 13 минути и 24 секунди.
Макс Ферстапен ја забележа третата победа оваа сезона, Холанѓанецот попладнево немаше конкуренција во Монца.
Возачот на Ред Бул ја скрати првата шикана на стартот, па мораше да му го препушти водството на Ландо Норис, но веднаш го претекна и потоа само ја зголемуваше предноста.
На крајот ја мина целта со речиси 20 секунди предност и го собори рекордот на Михаел Шумахер за најбрзата трка во историјата на Формула 1, откако до победата стигна за 1 час, 13 минути и 24 секунди.
Зад него, во финишот имаше мала драма откако механичарите на Мекларен беа бавни при пит-стопот на Ландо Норис, па Оскар Пјастри доби наредба да го пропушти својот тимски колега на патеката.
На Оскар Пјастри не му беше сеедно, но го послуша тимот и дозволи Ландо Норис да финишира како втор, а тој како трет.
Во бодови денес уште завршија Леклер, Расел, Хамилтон, Албон, Бортолето, Антонели и Хаџар.