Макрон бара итно усвојување на законот за забрана на социјалните мрежи за децата до 15 години
Францускиот претседател Емануел Макрон сака неговата влада да го забрза законодавството за да обезбеди забраната за социјалните медиуми за деца под 15-годишна возраст да стапи на сила во септември, на почетокот на следната учебна година, пренесува Асошиејтед прес.
Во видеото кое го објави француската телевизија БФМ-ТВ, Макрон кажа дека побарал од неговата влада да покрене забрзана постапка за предложениот закон што поскоро да помине низ процедурата и навреме да биде усвоен во Сенатот. „Мозокот на нашите деца и на нашите тинејџери не е на продажба“, порача Макрон. „Емоциите на нашите деца и нашите тинејџери не се на продажба ниту треба да бидат предмет на манипулација. Ниту од американски платформи, ниту од кинески алгоритми“.
Најавата на Макрон дојде само неколку дена откако британската влада соопшти дека ќе размисли за забрана на социјалните мрежи за помладите тинејџери бидејќи ги заострува законите насочени кон заштита на децата од штетна содржина и прекумерно време пред екраните.
Според податоците на француската здравствена организација, секој втор тинејџер поминува од два до пет часа дневно на паметен телефон. Во извештајот објавен во декември се наведува дека околу 90 отсто од децата на возраст меѓу 12 и 17 години секојдневно користат паметни телефони за пристап до интернет, а 58 отсто од нив користат уреди за социјално вмрежување.
Извештајот нагласува низа штетни последици поврзани со употребата на социјалните мрежи, вклучувајќи намалена самодоверба и поголема изложеност на содржини поврзана со ризично однесување, како што се самоповредување, употреба на дрога и самоубиство. Неколку семејства во Франција го тужеа Тикток поради самоубиства на тинејџери за кои тврдат дека се поврзани со штетни содржини.
Од кабинетот на Макрон за Асошиејтед прес изјавија дека видеото е упатено до пратеничката Лора Милер, која го спонзорира законот кој ќе биде разгледан на јавна седница во понеделник.
„Ги забрануваме социјалните мрежи за деца под 15 години и ќе ги забраниме мобилните телефони во нашите средни училишта“, кажа Макрон. „Верувам дека тоа е јасно правило. Јасно за нашите тинејџери, јасно за семејствата, јасно за наставниците и одење напред“.
Во Австралија, социјалните мрежи го суспендираа пристапот до околу 4,7 милиони сметки за кои тие идентификуваа дека им припаѓаат на деца, откако земјата им забрани на лицата под 16 години да ги користат платформите, соопштија официјални лица.
Законот предизвика жестока дебата во Австралија за употребата на технологијата, приватноста, безбедноста на децата и менталното здравје и ги поттикна другите земји да размислат за слични мерки.



