Македонија

Македонските граѓани ќе патуваат по старите правила во ЕУ уште една година 

Правилата за патување во Европската Унија се одложени за Македонија и треба да почнат да важат следната година, доколку повторно не дојде до одлагање, изјави денеска вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски. Тој ова го соопшти пред работната средба во Стопанската комора на Северна Македонија, на покана на претседателот Бранко Азески.

На средбата се разговараше за новите протоколи на ЕУ – системот за влез/излез (EES) и системот за информации и авторизација за патување (ETIAS). Двата системи ќе почнат постепено да се воведуваат во 2025 и 2026 година и, според Комората, ќе значат дополнително оптоварување за компаниите и транспортните оператори.

Николоски нагласи дека македонската влада е во постојана координација со ЕУ, со цел да се обезбеди полесен влез за граѓаните.

„Во однос на правилата за влез во ЕУ тие се одложени за Македонија, ќе стартуваат, ако стартуваат следната година доколку повторно нема одлагања. Во меѓувреме сме во активен дијалог со претставници на ЕУ и по некоја случајност по оваа средба ќе имам средба со евроамбасадорот Михалис Рокас, која не е поврзана со оваа, но сепак имаме активна комуникација и секако ќе направиме се што можеме за македонските граѓани полесно да влегуваат во ЕУ“, изјави тој.

Бизнис-заедницата предупредува дека новите протоколи ќе ги стават македонските транспортни компании во неповолна положба во однос на оние од ЕУ, поради ограничувањата за професионалните возачи (90 дена престој во период од 180 дена). Николоски, пак, смета дека тука нема промени и проблеми, бидејќи правилата остануваат исти.

Според последните информации, системот EES ќе стартува на 12 октомври 2025, а ќе се применува во сите 29 европски земји во рок од шест месеци. Целосната примена ќе започне на 10 април 2026, кога електронски ќе се пресметува престојот на патниците. ETIAS, пак, ќе стартува дополнително, а датумот ќе биде најавен од ЕУ неколку месеци однапред.


Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons