Крај за дивеењето по патиштата: Се воведува трајно одземање на возилата и затвор до 3 години
Група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ поднесоа измени на Кривичниот законик со кои се предвидуваат драстично построги казни за најтешките сообраќајни прекршоци. Најголемата новина е воведувањето на трајно и задолжително одземање на возилото за возачите кои се повторници во делата.
Според предлогот, автомобилот ќе биде одземен доколку возачот пречекори брзина за повеќе од 70 км/ч во град или 90 км/ч на отворено, под услов веќе да има претходна пресуда за слично дело. Одземање ќе има и ако возачот немал возачка дозвола, а возилото е негово.
Дополнително, се воведува затворска казна од три месеци до три години за „безобѕирно управување“. Ова вклучува:
- Возење со над 1,5 промили алкохол или под дејство на дрога;
- Возење во спротивна насока и опасно претекнување;
- Учество во нелегални улични трки.
Забраната за управување возило се зголемува и наместо досегашните 5, ќе може да трае и до 10 години.



