Свет

Заострени контроли во Норвешка по откритието дека кинеските автобуси може далечински да се исклучат

Водечкиот норвешки оператор за јавен превоз Рутер објави дека ќе ги заостри безбедносните протоколи и ќе воведе дополнителни мерки против хакирање откако тестирањето на новите кинески електрични автобуси откри дека производителот има можност далечински да ги исклучи возилата.

Според резултатите од тестирањето објавени минатата недела, кинеската компанија Јутонг, производител на спорните автобуси, има пристап до централните контролни системи на возилата за ажурирање на софтверот и вршење дијагностика. Тоа, како што се наведува, „теоретски остава простор за влијание врз работењето на автобусот“.

Тестирањето е спроведено во подземни рудници, за да се исклучат сите надворешни сигнали, и вклучувало сосема нови автобуси на Јутонг, како и тригодишни модели од холандскиот производител ВДЛ. Рутер истакнува дека е утврдено дека возилата на ВДЛ не дозволуваат безжични ажурирања на софтверот, за разлика од кинеските.

„Тестовите покажаа дека производителот има директен дигитален пристап до секој автобус со цел ажурирања на софтверот и дијагностика“, се вели во соопштението на Рутер, кој управува со половина од јавниот превоз во Норвешка.

Британски Гардијан ја објави реакцијата на компанијата Јутонг, која во својот одговор наведува дека „строго се придржува до законите и прописите на сите земји во кои работи“, нагласувајќи дека податоците за автобусите се чуваат на сервери во Германија. Неименуван портпарол на компанијата додаде дека податоците се шифрирани и се користат „исклучиво за одржување, оптимизација и подобрување на услугите, во согласност со потребите на клиентите по купувањето на возилото“.

На официјалната веб-страница на Јутонг се наведува дека компанијата продала десетици илјади возила низ Европа, Африка, Јужна Америка и Азиско-пацифичкиот регион во текот на изминатите неколку децении.

Тестирањето во Норвешка беше спроведено делумно поради растечката глобална загриженост за можноста за следење и далечинско управување со возилата, во време кога голем број земји воведуваат построги прописи за заштита на податоците на потрошувачите и далечинска безбедност.

Ваквата загриженост не е нова: претходно оваа година американските регулатори започнаа истрага за возилата на Тесла, поради тврдењата дека нејзината апликација им дозволувала на возачите далечински да ги возат своите возила, што наводно довело до неколку несреќи.

За разлика од автономните возила како такси и шатл-автобуси во Калифорнија и Кина, автобусите на Јутонг кои ги управуваат норвешки возачи не возат сами – но наодите од тестот отворија важни прашања за дигиталната безбедност во јавниот превоз.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons