ЕУ одобри пакет од 150 милијарди евра за зајакнување на одбранбените капацитети
Земјите-членки на Европската Унија дадоа зелено светло за воспоставување на инструментот САФЕ (Безбедност за акција за Европа), отворајќи го патот за инвестициски пакет вреден до 150 милијарди евра насочен кон зајакнување на европските одбранбени капацитети.
САФЕ е дел од поширокиот план „Вооружи ја повторно Европа / Подготвеност 2030 година“, а средствата ќе се обезбедат со издавање заеми на пазарите на капитал. Целта е да се забрзаат инвестициите во клучни области како што се ракетната одбрана, беспилотните летала и компонентите за стратешка логистика.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, изјави дека „вонредните времиња бараат вонредни мерки“.
„Европа сега мора да преземе поголема одговорност за сопствената безбедност и одбрана. Преку САФЕ, ние не само што инвестираме во најнапредните капацитети за нашата Унија, за Украина и за целиот континент, туку и ја зајакнуваме технолошката и индустриската база на Европа во областа на одбраната. Станува збор за подготвеност, за отпорност и за создавање вистински европски пазар на одбрана. Европа сега дејствува решително, обединето и со јасен пат напред“, изјави фон дер Лаен во писмена изјава.
Земјите-членки сега имаат рок од шест месеци од стапувањето во сила на Регулативата да ги достават своите национални планови, кои потоа ќе бидат оценети од Европската комисија. Потоа, Советот на ЕУ, на предлог на Комисијата, ќе донесе поединечни одлуки за висината на заемот и евентуалната исплата на претходно финансирање, која може да изнесува 15 отсто од вкупниот заем и да започне веќе во текот на 2025 година.
Плаќањата може да се одобрат до 31 декември 2030 година, а земјите-членки ќе поднесуваат извештаи за напредокот двапати годишно.
САФЕ е дел од поширокиот пакет „Подготвеност 2030“ и планот „Вооружи ја повторно Европа“, претставен во март 2025 година, со цел брзо зголемување на инвестициите во европските одбранбени капацитети. Заемот предвидува ограничување на увозот на компоненти надвор од ЕУ, ЕФТА и Украина до максимум 35 отсто од вкупната вредност, согласно принципот „купувај европски производи“.