ЕК иницира јавна расправа за Акциски план против онлајн насилството
– Онлајн насилството може да влијае врз секого и јас сум посветен на директно справување со оваа појава. Со нашиот Акциски план дејствуваме заедно за да го направиме онлајн просторот побезбеден за сите. Во нашата Унија нема место за онлајн насилство, додаде Микалеф.
Европската комисија започна јавна расправа за изработка на Акциски план на ЕУ за справување со онлајн насилството, кој се очекува да биде промовиран на почетокот на 2026 година.
– Насилството не запира во училиштата или на игралиштата. Децата и младите преку паметните телефони и социјалните медиуми се повеќе се изложени на онлајн насилство, кое може во секое време да им наштети, порача извршната потпретседателка на Европската комисија за технолошки суверенитет, безбедност и демократија, Хана Виркунен.
Според неа, ЕУ ќе се справи со овој загрижувачки тренд, како дел од нејзината одговорност да го направи онлајн просторот побезбедна средина за најмладите.
Еврокомесарот за меѓугенерациска праведност, млади, култура и спорт, Глен Микалеф, пак, изјави дека интернетот мора да биде безбеден простор, каде што луѓето растат, учат и остануваат поврзани, па затоа мора да се посочат ризиците што постојат во онлајн сферата.
– Онлајн насилството може да влијае врз секого и јас сум посветен на директно справување со оваа појава. Со нашиот Акциски план дејствуваме заедно за да го направиме онлајн просторот побезбеден за сите. Во нашата Унија нема место за онлајн насилство, додаде Микалеф.
Според податоците на ЕУ, еден од шест адолесценти пријавиле дека се или биле жртви на онлајн насилство, додека еден од осум признале дека сториле таков чин.
– Комисијата е посветена на борба против онлајн насилството и градење сеопфатна стратегија на ниво на ЕУ. Претстојниот план ќе се фокусира на заштитата на малолетниците, а истовремено ќе ги земе предвид и другите елементи на онлајн насилството, како што се родовата димензија и зголемената ранливост на одредени групи млади на возраст до 29 години, посочи ЕК.
Предвидено е Акцискиот план за справување со онлајн насилството да биде комплементарен со мерките што веќе ги презеде Еврокомисијата за заштита на малолетниците на интернет, како што се одредбите од Законот за дигитални услуги (ДСА), насоките за негово спроведување и планот за проверка на возраста.
Јавна расправа и можноста за доставување предлози ќе траат до 29 септември 2025 година. (МИА)