Евакуација од Израел: Осум македонски државјани го напуштија Тел Авив
Првата група од осум македонски државјани од кои четири се деца, како дел од поголем конвој, утрово го напуштила Тел Авив и веќе се упатени кон границата со Египет, информира македонското Министерство за надворешни работи.
Од таму тие треба да бидат преземени со возило и транспортирани кон Шарм Ел-Шеик, од каде со македонскиот владин авион ќе бидат донесени до Македонија.
Овие осуммина се дел од групата од 28 македонски државјани кои досега побарале да бидат евакуирани од Израел. Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски веќе информираше дека втората група од преостанатите 20 македонски државјани по нивно барање остануваат во Израел бидејќи не сакаат да бидат пренесени преку трети земји и тие ќе чекаат да се стабилизира авиосообраќајот во Израел.
Инаку, процената на МНР е дека на израелска територија се наоѓаат околу 100 македонски државјани.
Според Министерството, во моментов не се планира евакуација на македонскиот дипломатски персонал во амбасадата во Тел Авив.
Оттаму додаваат и дека засега нема информации за македонски државјани во Иран ниту пак досега некој се пријавил во МНР за асистенција за евакуирање од Иран.