МакедонијаНајново

Досега вакцинирани 66.674 граѓани против сезонски грип 

За вакцинација против сезонски грип досега се пријавени 75.712 лица, а вакцинирани се 66.674. Според заменик министерот за здравство, Јовица Андовски ова е рекорден број на пријавени и вакцинирани лица, а Скопје е рекордер со 19.722 вакцинирани лица.

Статистиката покажува дека, од вкупниот број вакцинирани, речиси 42 илјади се лица над 65 години, 21.784 лица со хронични заболувања, 2.334 здравствени работници, како и 29 деца на возраст од 6 месеци до 5 години и 24 бремени жени.

– Во Битола, досега, вакцина против сезонски грип примиле пет илјади граѓани, а лани таа бројка изнесувала 4.600 лица. Во Велес исто така се бележи зголемување на бројот на вакцинирани, и тоа од 2.480 лица лани, годинава се 2.749 лица. Во Гостивар, исто така, има зголемување на бројот на вакцинирани досега вакцина примиле 2.175 лица, а лани биле вакцинирани 1.849 лица. Исто така, во Кавадарци се забележува зголемен интерес годинава вакцинирани се речиси две илјади лица, а лани се регистрирани 1.583 вакцинирани против сезонски грип, додаде заменик министерот за здравство.

Според податоци од Институтот за јавно здравје на неделно ниво се регистрирани 67 седум случаи на групни пријави за заболени од грип и заболувања слични на грипот. Тоа претставува за 42,6 отсто повеќе во споредба со претходната недела, додека во однос на моделот за последните 14 сезони, се регистрира зголемување од 4,2 отсто.

Во зимскиот период се очекува зголемување на бројот на заболени од грип, додаде тој, а за потсетување, лани од грип биле евидентирани 14 смртни случаи.

Заменик министерот кажа дека имало граѓани кои успешно се пријавиле за вакцинација, но, заради некоја причина, не добиле СМС порака и не дошле на закажаниот термин, иако самите изразиле интерес за тоа.

– Станува збор за околу 7.000 лица, кои треба веднаш да се обратат кај својот матичен лекар, каде ќе добијат инфо за пунктот за вакцинација и времето кога да дојдат да се вакцинираат. Од Министерството за здравство веќе е испратен допис до матичните лекари со список на пациенти кои се регистрирале, но не дошле на терминот за вакцинација. Тие имаат можност да се вакцинираат во следниот период – појасни тој.

Заинтересираните сè уште можат да се пријават за вакцинација против сезонски грип преку апликацијата vakcinacija.mk, co цел навреме да се заштитат од можни посериозни компликации од ова заболување.

– Годинава се обезбедени 80 илјади дози вакцини – Министерството набави 70 илјади и плус 10 илјади се обезбедени со донација. Постои можност и за дополнителна набавка на вакцини, согласно интересот на населението. За потсетување, вакцинацијата против сезонски грип претставува најефикасна мерка за превенција од грип, која спречува појава на потешки форми, компликации и смртен исход, особено кај ризичните групи население – истакна Андовски.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons