ДКСК со нов скандал – Илјадници лични податоци на граѓаните изнесени надвор од државата?
Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) на денешната седница отвори сериозни сомнежи за трговија со милиони лични податоци на македонските граѓани. Случајот се однесува на дигитализацијата на матичните книги, со податоци за умрени, родени и венчани, спроведуван преку Управата за водење на матичните книги, на распишан тендер кој го добила фирмата Новатек Инв ДООЕЛ, пишува Мета.мк.
Антикорупциската комисија најави кривични пријави против двајцата поранешни директори на Управата.
Според антикорупционерите, во двете тендерски постапки не биле предвидени соодветни заштитни мерки со цел да се зачува приватноста односно личните податоци на граѓаните на РСМ при скенирањето, контролата, управувањето, преносот и обработката на личните податоци од страна на ангажираните економски оператори врз основа на договорите склучени со Управата за водење на матични книги.
Па така, при дефинирањето на условите во тендерот, се барале сертификати кои докажуваат квалитет на економските оператори за работа со класифицирани т.е. доверливи податоци и информации, но не и квалитет за собирање, контрола, обработка и пренос на лични податоци. Личните податоци, велат од Антикорупциската комисија, не се класифицирани за да се сметаат за доверливи, туку истите подлежат на висока заштитна регулатива согласно со легислативата за заштита на личните податоци.
Директорот на Управата за водење на матични книги, донел Одлука за избор на најповолен понудувач на 24.02.2021 година, и избрана била фирмата Новатек Инв ДООЕЛ Скопје во конзорциум со економскиот оператор Аукта ДООЕЛ Скопје. Фирмата Новатек Инв ДООЕЛ Скопје, пак е основана на 09.12.2020 година, непосредно пред започнувањето на постапката за доделување на договорот за јавната набавка.
„Изворниот код за пристап до податоците од матичните книги бил даден на USB, а примопредавањето е потпишано од вработен во Управата за водење на матичните книги на РСМ, како давател и од страна на економскиот оператор Новатек Инв ДООЕЛ Скопје, како примател“, велат од Антикорупциската комисија.
Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска рече дека кај овој предмет постои висок ризик особено со тргување на лични подататоци и изрази надеж дека анализите на Комисијата ќе им придонесат на истражителите во постапувањата.
Од Агенцијата за заштита на личните податоци било побарано да изврши вонредна супервизија во УВМК, со цел да се провери кој сè имал пристап до скенираните документи за лични податоци, како истите биле чувани, дали биле заштитени, дали воспоставениот систем за нивна заштита бил ефикасен и ефективен и дали истите се употребени за незаконски цели. Агенцијата влегла во УВМК и во наодите од извршената вонредна супервизија навела дека има „сериозни пропусти при т.н. дигитализација на матичните книги”.
„Контролорот, односно УВМК нема евиденција за хардверот, серверите и софтверските апликации на кои личните податоци се обработуваат, нема логови за влез во матичната евиденција, личните податоци се складирани на сервер без да може да се идентификува кој има пристап до серверот, економските оператори ги собирале податоците без придружба од службени лица од УВМК, просторијата каде што се скенирале личните записи не била физички обезбедена, не може да се утврди идентитетот на лицето кое пристапило до софтверските модули каде што се внесени скенираните записи и личните податоци, преносните медиуми не биле заштитени, немало докази за превенирање на неавторизиран пристап до личните податоци, не се знае кој пристапил до личните податоци, каде истите биле изнесени, каде завршиле и со каква цел“, стоело во наодите од Агенцијата за заштита на личните податоци.
Според, ДКСК, освен ова, постои сомневање дека тендерите се добиени како производ на незаконски влијанија, а тоа е поткрепено и со наоди на Управата за финансиска полиција.
„Имаме ситуација на изразени ризици дека се изнесени лични податоци и не се знае каде се отидени на граѓаните на оваа држава од страна на Управата за водење на матични книги преку економските оператори што го добиле овој тендер и нивната меѓусебна поврзаност“, изјави Владо Горгиев член на ДКСК.
За тендерот за дигитализација на матичните книги во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција веќе се водел предмет од мај 2021 година. Управата за финансиска полиција поднела кривична пријава заради фаворизирање на економскиот оператор Новатек Инв ДООЕЛ Скопје во постапката за доделување на договорот за јавната набавка, а раководни и други службени лица вработени во УВМК се осомничени за дискриминирачки и несразмерни услови за квалитативен избор во тендерската документација, со цел договорот за јавна набавка да биде доделен на економскиот оператор Новатек Инв ДООЕЛ Скопје.
Но, и покрај ова, истата фирма во два наврати, со два различни директора кои се менуваат во УВМК, го добива тендерот за дигитализација.
Сопственикот и управител на Новатек, инаку се јавува како основач и застапник на Здружение за меѓу гранична соработка помеѓу Република Северна Македонија, Албанија и Косово.
Дигитализацијата беше најавена пред четири години, кога Владата на 25.02.2019 година усвои информација за подобрување на електронската размена на податоци во институциите за развивање на дополнителни веб сервиси, при што задолжи повеќе институции за прибирање и доставување на информации и податоци, како и Управата за водење на матични книги да достави план за дигитализација на матичните книги (регистрите) со податоци за умрени, родени и венчани…
Владата на 135-тата седница одржана на 14.05.2019 година усвои информација за електронско поврзување на 76 матични подрачја со електронскиот регистар на Управата за водење на матични книги и план за целосна дигитализација на регистрите.
Извор: Мета.мк