Деспотовски: Против Белгија мора да бидеме перфектни во дефанзивата
Стефан Деспотовски е новото име на списокот на селекторот Милевски, тој доби повик за престојните мечеви против Белгија и Казахстан и вели дека е среќен што е во најдобриот национален состав.
Играчот на ОФК Београд кој игра на десната бековска позиција верува дека можеме да парираме против Белгија, но мора да одиграме на нашето највисоко ниво.
„Убаво е чувството, првпат сум тука, дечките супер ме прифатија, супер се тренира, одлична е атмосферата, се е во најдобар ред“, вели Деспотовски.
„Белгија е една силна репрезентација, но ние ако не им дозволиме на нив да ја играат својата игра, нормално е дека ќе имаме шанси. Треба да ги испочитуваме сите барања од селекторот и мислам дека сме подготвени за Белгија“.
„Секогаш има притисок, против кој и да играте, но ние се подготвуваме за тоа и мислам дека се ќе биде во ред. Мислам дека треба да бидеме најпретпазливи во дефанзивата, во тој некој блок, мора да бидеме перфектни“.
Мечот меѓу Македонија и Белгија се игра во петок на 6 јуни на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, три дена подоцна му гостуваме на Казахстан.