Актуелно

Голем дел од Македонија утрово остана без струја поради висок напон во регионалната мрежа, вели МЕПСО 

АД МЕПСО предупредува дека сè уште се работи на целосна стабилизација на системот, а будно се следи состојбата во соработка со останатите преносни оператори во регионот

Во раните утрински часови денеска дојде до краткотраен прекин во снабдувањето со електрична енергија на делови од електроенергетскиот систем на Македонија, откако настана дефект во 110 kV преносната мрежа, велат од Македонскиот електро-преносен систем оператор (МЕПСО). Како што соопштија од таму, причина за испадот биле несоодветно високите напони во регионалната 400 kV мрежа, кои довеле до привремено исклучување на трансформаторите 400/110 kV во неколку трансформаторски станици.

Ситуацијата, како што велат од МЕПСО, не е изолиран инцидент, туку дел од поширок европски проблем кој се појавува во пролетните и летните месеци, кога ноќниот конзум на електрична енергија опаѓа, а притоа продолжува транзитот на струја.

„Ова создава технички нестабилности кои може да доведат до пренапони и прекини, особено во викендите и ноќните часови“, велат од МЕПСО.

Додаваат оти нивните екипи реагирале брзо и за нешто повеќе од еден час целосно било нормализирано напојувањето со електрична енергија низ државата. Сепак, АД МЕПСО предупредува дека сè уште се работи на целосна стабилизација на системот, а будно се следи состојбата во соработка со останатите преносни оператори во регионот.

Иако напојувањето е стабилизирано, останува потребата од внимателно управување со системот во наредните денови – особено доколку продолжат временските услови и нискиот конзум, кои создаваат ризици за повторни пречки.

На 28 април годинава, Шпанија и Португалија се соочија со најголемиот прекин на електрична енергија во последните децении, при што милиони граѓани останаа без струја, а јавниот живот беше парализиран.

Првичните анализи укажуваат дека прекинот започнал со дефекти во електроенергетските постројки во Гранада, Бадахоз и Севиља, што довело до дестабилизација на мрежата и автоматско исклучување на интерконекциите со Франција и Португалија.

Овој настан го истакна предизвикот на одржување на стабилноста на електроенергетските системи во услови на зголемена интеграција на обновливи извори на енергија, кои, иако се еколошки, можат да придонесат за нестабилности во мрежата поради нивната варијабилност .

Во контекст на овие случувања, денешниот краткотраен прекин на електрична енергија во Македонија, предизвикан од високите напони во регионалната 400 kV мрежа, се вклопува во пошироката слика на предизвици со кои се соочуваат енергетските системи во Европа.

Инаку, на 6 јануари годинава, МЕПСО го пушти во употреба 400/110 киловолтниот трансформатор во трансформаторската станица (ТС) Битола 2. Тоа беше најавено како пресвртница во обезбедувањето енергетска стабилност за југозападна Македонија и за целиот национален енергетски систем.

„Пуштањето во функција на новиот трансформатор го зајакнува клучниот дел од енергетската инфраструктура, враќајќи ја сигурноста во регион што беше изложен на сериозни ризици. Благодарение на проактивната интервенција на новото раководство, решен е еден од најголемите системски проблеми и се обезбеди стабилност на енергетскиот систем каде што беше најпотребна“, соопшти тогаш МЕПСО.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons