Врие во здравството: Бараат повисоки плати и предупредуваат – ќе нема кој да ве лекува!
Врие во здравството. Здравствените работници од Независниот синдикат од утре почнуваат предупредувачки протест кој ќе трае за време на паузата, на работните места од 10.30 до 11 часот. Пациентите не треба да стравуваат – ќе добијат медицинска грижа, но здравствените работници бараат на некаков начин да се слушне и нивниот глас.
Ако Владата не ги чуе нивните барања, ќе го радикализираат протестот и ќе одат на марш на 2 декември пред Владата. Независниот синдикат на здравствени работници што го организира протестот, обвинува за мобинг од страна на директорите на здравствените институции, непосредно пред протестот.
– Директорите во Клинички центар и во градските општи болници деновиве вршат невиден мобинг во здравствените установи што ги раководат, врз здравствените работници, врз администрацијата и сестрите. Мобингот го вршат преку закани и преместување од едно на друго работно место. Освен тоа што вработените имаат картички за отчукување за работно време, приморани се и да се потпишуваат во тетратки за тоа кога дошле на своето работно место и кога си заминале дома. Здравството го враќаат 20 години наназад. Директорите, раководителите и главните сестри едноставно се изживуваат врз работниците. Дали се враќаме во робовладетелско општество? Ние како независен синдикат на здравствени работници и административно – технички персонал кој е во состав на КСОМ стоиме на располагање на сите вработени во здравството, охрабрувајќи ги да пријават секаков вид мобинг на работното место, затоа што КСОМ има тим од 58 адвокати кои ќе ве застапуваат бесплатно, велат оттаму.
Нивните барања кои Министерството за здравство веќе ги отфрли вклучуваат покачување на платата за 30 проценти. Исто така, бараат и нов колективен договор, бенифициран работен стаж, покачување на додатокот за инфекција од 1 на 4 проценти и трансформација на работниот однос од определено работно време на неопределено.
– Велат дека се зголемиле платите во здравството. Не е точно, зашто дел од вработените не ги добиле претходните две покачувања. Колку и да сака министерот за здравство да помогне, без финансии не прави ништо, изјави Лазо Костовски, координатор за здравство во Независниот синдикат.
Тој додаде дека меѓу барањата се и тоа да се врати бенифицираниот стаж за вработените во Брза помош и во психијатриските болници, а зошто тој им бил укинат на вработените никој не дал одговор. Здравствените работници се чувствуваат исцрпени, зашто кадрите секојдневно си одат.
– Имаме предлог како да се зголеми буџетот и како да има пари не само за нововработени, туку за покачување на плати, па дури и ќе останат пари за пензионерите. Еден од нашите предлози е оданочување на енормно високата плата на функционерите. Да се оданочува 30 до 40 проценти функционерската плата, изјави Боби Бојчевски од независниот синдикат на здравствени работници.
Претседателката на независниот синдикат во ГОБ „8 Септември“, Кристина Олевска вели дека персоналот си оди, исцрпувањето меѓу медицинскиот персонал е огромно и не е далеку времето кога граѓаните ќе нема кој да ги лекува. Синдикатот бара Владата и премиерот да обрнат повеќе внимание за вработените во здравството, да ги покачат платите за 30 проценти и да вработат доволно луѓе. Едноставно, децидни се оттаму, им треба пристоен живот.
Наредните чекори се протест на 24 ноември и протестен марш до владата на 2 декември. Синдикатот ги повика сите незадоволни здравствени работници да бидат присутни во што поголем број и да ги искажат проблемите. Протести ќе има и во Клинички центар „Мајка Тереза“, во ГОБ „8 Септември“, на Геријатрија, и во Здравствените домови.