Во Иран пресушуваат резервоарите на вода, можна е евакуација на Техеран
Резервоарите за вода кои го снабдуваат вториот по големина град во Иран, Машхад, пресушиле и имаат помалку од три отсто резерви, објавија денес локалните медиуми.
Иран оваа година се соочува со најлошата суша во последните децении, а ниските врнежи од дожд во Техеран се „практично невидени во последните сто години“, изјави локален функционер во октомври.
Во петнаесет од 31 иранска провинција воопшто не врнело дожд оваа есен, што значи дека резервите на вода во Машхад сега се помалку од три отсто, изјави за новинската агенција Исна раководителот на водоводната компанија на тој град Хосеин Есмаилијан.
Се проценува дека во резервоарите од браните Мешхад има околу 40 милиони кубни метри вода, додека пред една година во ова време имало околу 189 милиони кубни метри вода, според локалните медиуми.
Ситуацијата е особено критична во Техеран, имајќи предвид дека градот се снабдува со вода од пет резервоари, од кои еден е целосно сув, а другите имаат околу осум отсто резерви, според властите.
Владата вчера објави дека периодично ќе го прекинува снабдувањето со вода ноќе за да го спаси.
Претседателот Масуд Пезешкијан во четврток предупреди дека Техеран може да биде евакуиран поради недостигот од дожд пред крајот на годината, без да прецизира како ќе ја спроведе таа акција.
Во Иран 19 големи вештачки езера во моментов се суви, што претставува околу 10 отсто од резервите на земјата, објави новинската агенција Мехр во октомври.



