ВЛАДАТА СО ОДЛУКА: Оградата од ковано железо се враќа пред објектот
Ќе се врати оградата пред владината зграда. Со оглед на тоа што досега објектот на Владата е опркужен со нефункционална и нерепрезентативна ограда во сопственост на МВР, Владата ја задолжи Службата за општи и заеднички работи СОЗР да започне постапка за враќање на оградата на Владата која веќе еднаш беше поставена.
Истовремено директорот на СОЗР Ивица Томовски информираше дека оградата била несоодветно чувана под надворешни влијанија во објектот на касарната Илинден, за што ќе направат и дополнителна проценка, соопштуваат од Владата.
Инаку, оградата поставена околу зградата на Владата беше тргната во 2019 година. Со тоа се исполни ветувањето на тогашниот премиер Зоран Заев дека отстранувањето на оградата и „отварање на Владата“ ќе биде приоритет откако тој ќе дојде на власт.