Македонија

Владата пред граѓаните со почеток на кампања го презентираше сработеното за 1 година: Година на стабилизација, основа на идниот раст и развој

„Почитувани членови на Владата,

Почитувани претставници на медиумите,

Драги и почитувани граѓани што дојдовте да чуете работите што ги направивме, но и за работите што заедно ќе продолжиме да ги остваруваме за секој еден од вас.

Измина една цела година, на предизвици, на тешка, посветена и макотрпна работа. Во секој еден ден од овие изминати 365 дена, не заборавивме во ниту еден момент од каде доаѓаме, и со каква чест располагаме, и каква одговорност имаме да не ги разочараме македонските граѓани.

Секој почеток е тежок. Секој нов почеток е уште потежок, затоа што наследуваш веќе стекната состојба и како што народот вели, не почнуваш од нула, туку од минус. И повторно градиш темели, одново поставуваш столбови и ги засилуваш носечките кои дотогаш биле дотраени, кршени, рушени. Тие нови темели стануваат фундамент на новата иднина која заеднички ја градиме, тие нови темели се секојдневната борба за тебе и твојата иднина. Тие темели треба да го донесат времето на Македонија, времето кое допрва доаѓа. Најдоброто кое допрва ќе се случи. Она што сите го очекуваме, сакаме, заслужуваме и за кое секој ден, се трудиме и чекор по чекор се бориме. Земја на просперитет, ред, развој, почит, човечност, вредности. Земја со која ќе се гордееме, земја која ќе биде на вистинскиот пат, повторно твоја и ќе работи за тебе.

1 година од новиот почеток,

1 година градење темели,

1 година за тебе!

Ова е година во која ги градиме темелите на промените! За твоето и вашето време кое доаѓа!

По години на празни ветувања и перманентна политичка криза во државата, разочарувања и уништени ветувања, не започнавме од нула, почнавме од минус – од рушевини, кои ги оставија зад себе. Наследивме систем што се кршеше и паѓаше, институции што изгубија доверба, луѓе што изгубија верба.

Но, не се предадовме. Не го оставивме својот дом во рацете на минатото.

Ги ставивме првите тули на новите темели, со посветеност и љубов кон секој човек, секоја заедница, секој сон. Ги поставивме столбовите што ќе го издржат товарот на иднината. Ги засиливме носечките што ќе ја држат оваа земја исправена и горда.

Овие темели не се само тули, или камења и бетон. Тие се секој наш збор, секоја наша капка пот и секој чекор што го правиме за тебе, за твоето семејство, за твојата иднина. Овие темели се твојата доверба, твојата борба, твојата вера дека татковината заслужува повеќе – заслужува правда, ред, развој и почит. Тие темели се почеток на нова ера. Време кога земјата повторно ќе биде твоја – земја на можности, земја на човечност и вредности, земја во која секој ќе може да се гордее.

Ние не ветуваме брзи решенија, затоа што знаеме дека вистинските промени бараат време, трпение и упорност. Но, знаеме и дека секој ден на напредок е победа. Секој ден е борба за достоинство, за иднината што ја заслужуваме. За децата што ќе растат во безбедна и чесна земја. За сите нас што веруваме дека можеме и мораме подобро.

Оваа година беше година на напорна работа, на посветеност и на враќање на довербата, консолидирање на состојбите и стабилизација. Година во која секој од нас даде дел од себе за да го изгради новиот пат , година во која свесни за огромните очекувања и досега многупати изневерените надежи, ние се трудевме да направиме стабилизација која ќе поттикне развој, консолидација која ќе донесе раст.

Затоа денес, гледаме напред со увереност и со срце полно надеж. Времето на секој еден од вас допрва доаѓа!

Време кога ќе ги оживееме нашите соништа, кога заедничка татковина на Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите, Бошњаците, ќе се издигне посилна и посветла од кога било.

Време кога твојот глас, твојот труд и твојата иднина ќе постојат како нераскинлив дел од нашата политичка и животна приказна и заложби.

Во оваа тешка година имаме резултати зад нас кои се јасен показател дека стигнавме на солидна основа. Реализиравме или отпочнавме над 250 поголеми проекти. И она што денес сакам да го соопштам е дека за повеќе од 3 пати ќе се зголеми бројот на проекти за следната година. Веќе вклучуваме во 5та па 6та брзина. И очекувам максималната посветеност во исполнување на програмата, очекувам преку 400 проекти мерки чекори реформи во наредниот период кои ќе бидат насочени на развој и раст, подобар стандард, поквалитетно образование, борба против корупција, инвестиции и реформи во здравството, големи проекти во инфраструктурата, реформи во даночната политика и справувањето со инфлациски и предизвици на животниот стандард, проекти за млади, проекти за земјоделци, проекти за работници, проекти за купување на нов дом, возила, проекти кое ќе го донесат времето за кое сите се надеваме и длабоки промени кои ги заслужуваме.
Во продолжение би сакал да споменам дел од проектите кои ги реализиравме како Влада за вас, за граѓаните:

Економијата остана нашиот најглавен фокус и борбата за подобар живот.

Обезбедивме 500 милиони евра за поддршка на компаниите и за поддршка на општините за реализација на капитални проекти за подобрување на животот на граѓаните. И тука не ги двоевме, тоа се сите општини на цела територија на државата без разлика дали таму се градоначалници од редовите на владејачките партии, опозицијата или некои независни.

Во првиот квартал од оваа година 2025 постигнавме раст на БДП од 3,2%, некој ќе рече мал, некој ќе рече голем, јас би рекол сум задоволен, но не конечно задоволен бидејќи сепак има уште поголем простор за раст, но тоа сепак не става како 4 земја по раст на БДП во првиот квартал од 2025 година веднаш позади Ирска, Данска и Полска.

Постигнавме рекордно историско најголемо ниво на странски инвестиции од 1 милијарда и 255 милиони евра, што ќе каже дека имаме најголем број на странски директни инвестиции по глава на жител во овој дел од Европа.

Првпат по седум години намален е јавниот долг, заклучно со март 2025 година за 4,7 процентни поени во однос на БДП.

Платите растат и обезбедивме повисоки плати во администрација, здравство, образование, полиција.

Буџетскиот дефицит го намаливме на 4% од БДП и одиме надолу, целта е да бидеме под 3%.

Целосно ја отплативме Еврообврзницата издадена во 2018 година, во износ од 500 милиони евра.

Ја намаливме царината за 67 стоки кои како суровини и репроматеријали се користат во домашната индустрија и обезбедивме целосна либерализација на увозот на стоки со потекло од САД како наш стратешки партнер.

Во инфраструктурата обезбедивме највисок процент на изградба на патишта од осамостојувањето до денес.

Склучивме договор за стратешко партнерство со Обединетото Кралство врз основа на кој подоцна се остварува и економска соработка под поволни услови, би рекол ултра поволни услови за изградба на брза пруга на Коридор 10 и изградба на болници, а во скора иднина разговараме и за изградба на енергетски проекти коишто се од капитално значење за иднината на државата.

За само една година обезбедивме градба на 225 инфраструктурни проекти во прва фаза во висина од речиси 3 милијарди денари и 615 инфраструктурни проекти во втора фаза во висина од речиси 7 милијарди денари.

 Започнавме со изградба на автопатот Тетово-Гостивар во должина од 17,5 километри, со изградба на автопатот Гостивар-Кичево (Букојчани) во должина од 30,3 километри како и изградба на автопатската делница Прилеп-Битола во должина од 39,3 километри.

Ја пуштивме во употреба делница Градско-Дреново од експресниот пат Градско-Прилеп во вредност од 37,4 милиони евра и должина 15,5 км.

Го пуштивме во употреба експресниот пат (Страцин) Ранковце-Крива Паланка во должина од 25,4 километри, во вредност од околу 98 милиони евра.

Целосно го реконструиравме регионалниот пат Охрид (Коњско) – Свети Наум во должина од 24,5 километри и вредност 11.6 милиони евра.

Ја пуштивме во употреба пругата на Коридор 8, Куманово-Бељаковце во вредност од 43 милиони евра и во должина од 31 км.

Од нула функционални локомотиви за само три месеци од мандатот ставивме 11 во употреба и обезбедивме нормализација на железничкиот сообраќај.

Воведовме 11 нови авиолинии од двата аеродроми и обезбедивме 360 милиони денари финансиска поддршка.

Доделивме над 100 социјални станови во Велес, Кочани, Струмица и Гевгелија.

Интензивно се гради и во завршна фаза е автопатот Кичево-Охрид (делница Врбјани Охрид) во должина од 40 километри и веќе пуштањето е закажано на 12 јули.

Започнавме постапка за избор на трет мобилен оператор со што ќе се отворат нови работни места и ќе донесе конкуренција на пазарот за пониски услуги за граѓаните.

Во тек е набавка на 120 нови и модерни автобуси.

Притоа се бориме за секое ново отворено работно место. Донесовме Оперативен план за активните програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2025 година, со рекордна вредност од 2,5 милијарди денари или 40 милиони евра. Оперативниот план опфаќа над 16.000 граѓани и фокус на истиот се младите и невработените.

Направивме скалесто ограничување на маржи за 102 групи производи. Спроведовме акции против инфлацијата како „Помалку трошоци, повеќе за тебе“ и „Есенска потрошувачка кошничка“ каде за 10% ограничуваме маржи за 73 производи.

Ги зголемивме пензиите на над 300 илјади пензионери за 5 илјади денари, ветивме за една година, тоа го направивме за помалку од 9 месеци.

Во делот на детската заштита на над 15 градинки им се издадени решенија за дејност и почеток со работа, или им е обезбедена кадровска екипираност. Проширен капацитет за околу 1.500 деца (точно 1461). Во тек се изградби, доградби, опремување на 11 градинки кои се очекува да се отворат во 2025. Со отворањето на овие објекти, капацитетот ќе се зголеми за над 1.100 деца

Во делот на енергетиката донесовме новиот Закон за енергетика, долго очекуван нов закон за енергетиката.

Во новиот Акциски план успеавме да вградиме два свои гасни проекти со соседна Грција и Србија кои беа подржани од страна на Европската Комисија.

• Гасен интерконектор со Грција.

• Проект за интерконекција со Србија.

Пуштен е во работа новиот 400 KW трансформатор во ТС Битола 2.

Се работи на Втора фаза – ветерен парк Богданци. Вкупно, над 22.000 домаќинства ќе добијат посигурно и одржливо снабдување со електрична енергија. Вкупната финансиска рамка изнесува 37,6 милиони евра.

Во делот на земјоделието во период од 12 месеци исплатени се заостанати субвенции и редовни исплати на земјоделците во износ од над 9 милијарди денари.

Склучени се вкупно 967 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост со вкупна површина од околу 2.700 ха.

Откупувачите на тутун ја дополнија откупната цена од 375 на 400 денари за откупен тутун прва класа, се зголеми субвенцијата од 80 на 100 денари за килограм.

За прв пат постигнати се највисоки откупни цени за двете најзастапени вински сорти грозје Вранец и Смедеревка.

Нашата цел е и ставање ред во здравството и ефикасни услуги достапни за граѓаните. За само една година:

Како и што ветивме ги укинавме нефункционалните економски директори во јавните здравствени установи.

Отворивме постапка за вработување на 600 млади специјализанти во здравството.

Го зголемивме капитациониот бод на матичните доктори, гинеколози и стоматолози.

Обезбедивме раст на платите на здравствените работници и соработници во јавните здравствени установи.

Направивме проширување на позитивната листа на лекови со 9 нови генерики на лекови.

Реновиравме повеќе од 10 здравствени објекти и клиники и набавена е современа медицинска опрема од неколку милиони евра.

Во делот на животна средина имаше низа мерки коишто беа спроведени.

Изработивме планска програма за почист воздух 2025-2030 за долгорочни мерки и решенија каде се опфатени сите важни аспекти за подобрување на квалитетот на амбиентниот воздух и постои системски приод што гарантира резултати на краток, среден и долг рок.

Одобрени се 229 милиони денари за проекти од областа на животната средина.

Обезбедивме 10 милиони евра за замена на системи за греење со еколошки во Скопје, Битола, Куманово и Тетово.

Работиме на подобрување на водната инфраструктура на општините со преку 50 милиони евра.

Обезбедивме 55 милиони евра за изградба и модернизација на регионални системи за управување со цврст отпад во пет региони со изградба на нови и санација на постоечки депонии, трансфер-станици и центри за рециклирање.

Преку министерството за Локална самоуправа се отпочна со најголемиот капитален проект за капитални градби по општините.

– 288 одобрени проекти за општините од областа на транспортот, животната средина, образованието, културата, спортот и социјалната политика;

– Огромен интерес на вториот јавен повик – 887 проекти во 80 општини се во фаза на евалуација;

– 129 реализирани проекти за рамномерен регионален развој на Македонија.

Образованието треба да биде нашето најсилно оружје за раст и обезбедување на иднина.

За прв пат после 7 години во учебната година 2024-2025 се започна конечно со испорачани учебници, над еден милион примероци беа поставени на училишните клупи, на првиот училишен ден и покрај краткиот рок. Испечативме над 100 нови наслови за средното стручно образование.
Изградивме 7 нови училишни објекти. Реконструиравме 20 училишни објекти. Изградба на 4 училишни спортски сали.

Студените добиваат нови згради, се одблокира изградбата на факултетските објекти на ФИНКИ и ФФК, инвестициски циклус од 2 милијарди денари, а наскоро се започне процедура за изградба на кампусот на факултети при универзитетот „Мајка Тереза“.

Најголем влог во образованието досега – Обезбедени 38 милијарди денари за образованието во 2025 година.

Обезбедивме 680 милиони денари буџет за наука во 2025 година, двојно повеќе од 2024 година.

Обезбедивме 274 милиони денари за финансирање на иновативни научно – истражувачки проекти на јавните високообразовни и научни установи, МАНУ и компаниите кои соработуваат со академската и научната фела.

Обезбедивме на бесплатен пристап до научните бази SCOPUS и WEB OF SCIENCE за сите научници, професори и студенти на државните универзитети, со што на располагање ќе имаат литература и трудови кои ќе го стимулираат нивниот труд и креативност.

Проширен е опсегот на мерката субвенциониран студентски оброк и за сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од просечната нето минимална плата, но и за постдипломците.

Обезбедивме на над 12% повисоки плати за наставниот кадар и стручниот персонал во основните и средните училишта, 14% повисоки плати на професорите на факултетите, потпишана согласност за раст на платите до 60% во следните 4 години.

Во тек е темелна реконструкција на два студентски дома во Скопје, „Кузман Јосифовски – Питу“ и „Стив Наумов“ во вредност од 17 милиони евра.

Обезбедивме 50 милиони евра за 1.570 стипендии за учениците кои ќе се запишат во дуални паралелки во средните стручни училишта.

Информатичкото општество продолживме да го развиваме, се разбира, еден од нашите приоритети. За една година обезбедивме 120 нови електронски услуги за граѓаните на националниот портал uslugi.gov.mk.

Со измените на законот за електронски документи, електронски издадените документи се сметаат за еднакво важни како и оригиналот.

Конечно се обезбеди Закон за сајбер безбедност. Државата за прв пат добива закон за безбедност на мрежи и информациски системи. По повеќе од 12 години, издавачите на онлајн медиуми, интернет-публикации се препознаени во новиот Закон за медиуми.

Во делот на спортот:

Реконструирани се 15 мултифункционални игралишта во повеќе градови во државата и изградени се 15 спортски центри низ цела Македонија.

 Откочен проектот за изградба на 5 базени.

 Доделени се 500 стипендии „Спортска надеж“ наменети за млади талентирани спортисти.

 Македонскиот спорт поддржан од државата со 20 милиони евра средства кои Министерството за спорт ги исплати директно на спортистите и на спортските субјекти.

Во делот на културата откочена е изградбата на „Стариот театар“ во Струмица.

Започнавме реконструкција на поранешно кино „Партизан” во Битола при културната институција Народен театар – Битола, инвестицијата е вредна 96 милиони денари.

Се откочува и градбата, полека но сигурно на Универзалната сала во Скопје.

Во делот на туризмот воведен е чартер лет за прв пат со туристи на авиокомпанијата „Freebird Airlines“ од Германија за 40.000 туристи годишно, надвор од сезоната, во рамките на потпишаниот договор за соработка со германскиот туроператор. Тоа имплицира зголемување на повеќе од 20% на странски туристи во првите четири месеци споредно со првите четири месеци од претходната година.

Се продолжи проектот за возобновување на Свети Климентовиот универзитет на Плаошник.

По 7 години запоставеност, повторно е отворен комплексот „Македонско село“, кој ја прераскажува македонската културата, автентичната архитектура и традиција.

Во делот на администрацијата се спроведе акцијата, „Сите заедно за професионална и квалитетна јавна администрација“ за отворен, темелен и партиципативен процес на сите засегнати страни при изготвување на законите.

Формирање на Академија за стручно усовршување на јавните службеници, со мандат и капацитет да обезбедува стандардизирана, професионална и континуирана едукација за јавната администрација на национално и локално ниво.

Во Владата се усвоени 4 реформски закони коишто се дел од Планот за раст и коишто многу скоро, да бидам попрецизен веќе се во парламентарна, собраниска процедура.

Драги пријатели,

Во оваа една година отворивме силна борба против криминалот. Се започнаа акции против оние кои порано се сметаа за недопирливи. Денес тие неславни корифеи на неправдата се бегство од законот, а силно се удри и по нарко бандите особено во Скопје. Онаму каде сметам дека може подобро е борбата за независно судството и обвинителство кое сега го немаме.

Не сум задоволен од динамиката на испорачување на правдата од страна на обвинителите и судиите и постојат очигледни спреги меѓу тој свет и светот на политичката бизнис мафија која го конструирале тој систем против кој сакаме да се бориме и ако ме прашате мене јас очекувам одговорност и народот очекува одговорност и тоа мора да биде прва работа која ќе не води, да донесеме правда и да го урнеме тој систем на бандитизам создаден од политички и бизнис структури за кои нема ни етнички и политички разлики туку функционираат во широки коалиции. Тоа ќе биде нашиот најголем предизвик во периодот кој следи и од таа динамика ќе зависат многу следни политички случувања во државата.

Воедно паралелно со ова започнаа и реформи во МВР.

Целосно решен хаосот со издавање на пасоши, набавена уште една машина за печатење на лични документи и целосно решен процесот на издавање на лични документи.

Зголемена целосна ефикасност на полицијата со севкупен криминалитет за 5.8%, разбиени голем број криминални групи од областа на организираниот криминал, корупцијата, нелегална трговија со дрога и оружје.

Целосно реновирани управни служби во Скопје со кои граѓаните на Скопје ќе имаат пристап до брзи, модерни и навремени услуги. Имплементација во завршна фаза на системот „Безбеден град“, за автоматска евиденција на сообраќајни прекршоци за безбедност во сообраќајот.

За 10% се зголеми платата за сите вработени во Министерството за внатрешни работи.

Вработени се 1000 полициски служебници.

Обезбедени се 36 нови возила за полицијата за поголема ефикасност и модернизација во секој сегмент на работењето на полицијата.

Во делот на правдата поништена одлуката на минатата Влада за десеткратно поскапување на нотарските тарифи.

После 14 години овозможивме целосна имплементација на системот Фемида – аудио-визуелен систем за снимање на судските рочишта, за транспарентност и одговорност на судството пред граѓаните. Сите закони кои се дел од реформската рамка се подготвени или се во финална фаза на усвојување.

Во делот на меѓуетничките односи, се работи на нивно релаксирање. Усвоивме нова програма за унапредување и поддршка на етничките заедници со цел унапредување на меѓуетничките односи и јакнење на мултикултурната кохезија, како и промоција на мултикултурните вредности.

За прв пат е изработен Стратешки план за гарантирање на правата на сите етнички заедници и унапредување на меѓуетничките односи.

Во Министерството за одбрана има значителни достигнувања.

Процесот на модернизацијата на Армијата е процес кој се реализира со силен интензитет и е поддржано од одбранбениот буџет. Оваа година одвојуваме 32 проценти од буџетот, односно 106 милиони евра што е 18 милиони евра повеќе од минатата 2024 година. Едноставно кажано, модернизацијата нема да запре, туку напротив – ќе се интензивира.

Се обезбеди зајакнување на армиските капацитети со прием на нови војници, подофицери за потребите на Воздухопловниот ВИНГ и офицери за доусовршување на подофицери.

Се исплаќаат заостанатите обврски за процесите кои беа отпочнати од минатата власт.

Воедно го преземавме претседателство на ЕУСАИР во мај 2025 година до мај 2026 година.

Се укинаа на визите за влез во Обединетите Арапски Емирати за сите македонски државјани.

Ние сме прва земја од регионот, потписник на Партнерство за безбедност и одбрана со Европската Унија, што е одраз на одличната и континуирана соработка со Унијата и претставува клучен чекор кон потесна соработка за широк спектар безбедносни прашања.

Воедно сакам на крај да се осврнам и на инвестициите. Во оваа една година имаме:

– Инвестиција на Алказар енерџи за изградба на ветерен парк каде освен тоа што ќе се вложат 450 милиони во ветерници ќе се остварат 630 вработувања во градежниот сектор додека трае изградбата;

– Инвестиција на БМЗ од Германија за производство на литиум јонски батерии во износ од 65 милиони евра и 700 вработувања;

– Проширување на инвестицијата на Костал од Германија за производство на автомобилска електроника во износ од 50 милиони евра и 250 нови вработувања;

– Инвестиција на Авеста Батери и Енерџи Инжинеринг од Белгија за производство на батерии во износ од 10 милиони евра и 200 вработувања;

– Инвестиција на Магна Мехатроникс од Канада за производство на компоненти за авто индустрија од 40 милиони евра и 600 вработувања;

– Инвестиција на Шахтерм од Турција за производство на делови за бела техника во износ од 25 милиони евра и 200 вработувања.

Воедно работиме и на најмалку 10 нови инвестиции коишто треба да се случат до крајот на годината.

Пред крајот сакам да се осврнам и на мојот најтежок ден како претседател на Владата, а тоа е несреќата во Кочани. Таа несреќа, колку и да се трудат политички да ја злоупотребат е последица на со години руинираниот систем кој беше уништуван и дезавуиран. Јас не можев тоа да го спречам, но ќе направам се тоа да не се повтори. И како политички фактор од првиот ден испративме реална порака дека правда мора да има и без оглед за кого се работи мора да биде одговорност. И денес стојам на истиот став а обвинителството е на тест да докаже вистина и судот да спроведе правда. Но исто така сакам да соопштам дека работиме како Влада да обезбедување историски највисок инвестициски пакет за обнова и поддршка на Кочани.

Работиме на тоа да покажеме дека Кочани за нас е важно и дека граѓаните не се сами.

Воедно сакам да се осврнам и на оние кои велат дека Македонија била понижена. Тоа се истите оние коишто сменија име, направија договор со Бугарија, кои ја пљачкаа и се потпишуваа на било што и било сешто им беше поставено на маса. Нема никогаш повеќе немаа да дозволам да биде понижена, зошто тоа време заврши.

На крај дозволете да се заблагодарам искрено и со цело срце до народот кој дојде да проследи што имаме да кажеме, до секој еден човек кој има очекувања и има надеж за нашата држава. Сето ова има смисла само за вас. Благодарност до мојот тим до тимот министри од Владата. Секогаш може подобро, но ова беа најжестокото работно. Најдоброто допрва доаѓа, најдоброто за сите вас. Денеска ги сееме, а потоа ќе ги жнееме плодовите од нашата работа.

Не беше лесно. Гледавме како години наназад секој од нас губи надеж, но јас ви ветувам – тоа време е минато и само заедно можеме напред. Затоа што, сам човек може да направи разлика, но заедно, убеден сум, можеме да направиме историја. Заедно ги градиме темелите, камен по камен, за татковината што ќе ја препознаеме и ќе ја сакаме, за Македонија каква што ја заслужуваме и со која ќе се гордееме.

Кога ќе погледнам во очите на луѓето кои секојдневно ги среќавам, знам дека мораме да направиме сè што можеме за да имаат подобар живот. Така и ја гледам земјата – со љубов и одговорност. За тебе, за твоето семејство, за иднината што ја градиме заедно, за надежите кои не смеат да се изневерат.

Промените не се случуваат преку ноќ, но секој ден што вложуваме е чекор поблиску до земја со која ќе се гордееме. Не ветувам совршенство и чуда, туку ветувам искреност и упорност во секој чекор и борба за тебе и иднината каква што ја заслужуваш.

Ние не сме политичари што зборуваат од високо. Ние сме луѓе што живеат тука со вас, што чувствуваат ист страв и иста надеж. Затоа со труд и лојалност кон вас, ги градиме темелите на промените – искрено, чекор по чекор, со срце.

Оваа година беше само почеток, почеток на стабилизација и консолидација после 7 години на проблеми и уништувања, на разочарувања и изневерени очекувања и изгубена надеж. Заедно, чекор по чекор, ги поставуваме темелите за земја што ќе не обедини и ќе ни даде сила.

 Времето на Македонија допрва доаѓа, и тоа не е само слоган – тоа е наша обврска кон сите вас. Ги градиме темелите со пот, со борба и со надеж. За секој што верува дека оваа земја заслужува подобро, за тебе и твоето семејство, за иднината која доаѓа, за татковината која повторно ќе биде твоја, за Македонија која повторно ќе биде твоја.

 1 година од новиот почеток, 1 година градење темели, 1 година за тебе!

 Ова е година во која ги градиме темелите на промените! За твоето и вашето време кое доаѓа!

 Ви благодарам и да сте живи и здрави.“

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons