Бројот на жртвите во Мјанмар надмина 1.600, луѓе со голи раце копаат по урнатините барајќи преживеани
Повеќе од 1.600 луѓе го изгубија животот во разорниот земјотрес кој го погоди Мјанмар. Жителите на погодените подрачја кажуваат дека се приморани со голи раце да копаат по урнатините барајќи преживеани.
Земјотресот срамни со земја голем дел од Мандалај – дрвената престолнина и вториот по големина град во земјата, кој има околу 1,5 милиони жители.
Потрагата по преживеаните дополнително ја отежнуваат недостигот од опрема, лошата комуникација и уништените патишта и мостови.
Воената хунта, која ја презема власта во пучот во 2021 година, повеќе не контролира голем дел од земјата по четиригодишната граѓанска војна против бунтовничките групи и отпорот против пучот.
Иако спасувачките операции траат од петокот и меѓународната помош пристигнува, најтешко погодените области сè уште не ја добиваат потребната помош, а обичните граѓани се принудени сами да ги бараат преживеаните.
Локалните жители велат дека под урнатините се слушаат повици за помош.
Спасувачите успеале да извлечат жива жена од урнатините на дванаесетспратна станбена зграда во Мандалај, 30 часа откако зградата се урнала. Меѓутоа, Црвениот крст проценува дека под таа зграда и понатаму се заробени повеќе од 90 луѓе.
Главниот пат кој ги поврзува Јангон, престолнината Непјидо и Мандалај претрпел големи оштетувања, што сериозно го нарушило сообраќајот, соопшти канцеларијата на Обединетите нации за хуманитарни прашања (ОЦХА).
Во земјата владее недостиг од медицински материјал, вклучувајќи комплети за итни интервенции, кеси за крв, анестетици, основни лекови и шатори за медицинските работници.
Еден од спасувачите за Би-би-си кажал дека недостигот од опрема е главната причина поради која акциите за спасување се успорени. Друг спасувач од Мандалај кажал дека комуникацијата е речиси невозможна.
„Главниот проблем е што немаме ни интернет ни телефонски линии, па координацијата е тешка. Спасувачкиот тим стигна, но не знаеме каде да одиме бидејќи телефоните не работат“, кажал тој.
Главниот град Непјидо, каде што е седиштето на воената хунта, е погоден од последователни потреси и помали земјотреси. Градот претрпел сериозни оштетувања, голем број жртви, урнати згради и уништени патишта.
И додека хунтата упати редок меѓународен апел за помош, истовремено ги продолжува воздушните напади и нападите со дронови на бунтовничките групи со кои е во судир.
Специјалниот известувач на ОН за човекови права во Мјанмар, Том Ендрјуз, ја повика воената хунта да ги прекине воздушните напади.
„Проблем е што воените операции продолжуваат да се спроведуваат. Нападите на воената хунта се во тек. Ја повикувам воената хунта да ги сопре сите воени операции. Ова е целосно нехумано и неприфатливо“, кажа тој за Би-би-си.