Барди и Николов погодија, Македонија го победи Гибралтар
Македонија со 2-0 славеше на гостувањето кај Гибралтар со што ја оствари првата победа во новата сезона од Лигата на нации, Енис Барди и Бобан Николов беа стрелци на головите за нашата репрезентација.
По ремито со Бугарија, Македонија дојде до првиот триумф во Лигата на нации откако денеска го совлада Гибралтар на негов терен. Македонија имаше доминација на мечот, но тоа не беше некоја блескава игра, особено не во второто полувреме. Милевски направи неколку замени во однос на мечот со Бугарија, свое деби за А репрезентацијата имаа Илиев, Тодоровски и Серафимов кои го одиграа целиот меч. Натпреварот почна со гол на Трајковски уште на самиот старт, но погодокот беше поништен поради офсајд. Брзо потоа Милан Ристовски ја погоди пречката од домашниот гол. Резултатот беше отворен во 21. минута кога по едно двојно проигрување со Алиоски, Барди се прошета во шеснаесетникот на противникот и даде гол за водство на Македонија од 1-0.
Во вториот дел Македонија не беше на нивото од првите 45 минута, Гибралтар се обидуваше почесто, но не беше конкретен. Сепак квалитетот беше на наша страна, фудбалерите на Гибралтар погрешија во 84. минута, тоа го искористи Бобан Николов кој ги постигна конечните 2-0 за Македонија.
По две одиграни средби Македонија има освоено четири бода. Следниот дуел е во четврток во Скопје против селекцијата на Грузија.