Алкалоид е во полуфиналето на ЕХФ Европскиот куп
Алкалоид лесно си ја заврши задачата со Баја Маре, во Автокоманда го совлада романскиот тим со убедливи 32-25 и се пласираше во полуфиналето од Европскиот куп.
Првиот меч кој се одигра во Романија заврши 31-31, па на Алкалоид денеска му беше потребна било каква победа за да се пласира меѓу најдобрите четири во европското натпреварување.
Македонскиот тим фуриозно го почна мечот со 4-0, во текот на првиот дел поведе и по седум разлика, беше 17-10. На одморот се отиде со предност за тимот на Лазаров од 18-12.
Во вториот дел Алкалоид ја одржуваше предноста, неколкупати имаше водство и од осум голови разлика, на крајот мечот заврши 32-25.
Петковски со седум голови беше најефикасен во составот на Алкалоид, Стојковиќ постигна пет, голманот Галевски мечот го заврши со девет интервенции.
Во полуфиналето Алкалоид ќе игра против норвешкиот тим Рунар Сандерфјорд кој го елиминира Олимпијакос.