Фејсбук и Инстаграм прислушуваат: Сè што ќе кажете на чет-бот ќе се користи за прикажување реклами
Нова политика за приватност на платформите на Фејсбук и Инстаграм ќе стапи на сила на 16 декември. Компанијата Мета објави дека ќе ја користи содржината од разговорите со чет-бот Мета со вештачка интелигенција (ВИ) за рекламирање.
Мета објави контроверзна промена на политиката за приватност која ќе ги погоди сите корисници на платформите Фејсбук и Инстаграм. Компанијата планира да започне да користи разговори со својот чет-бот Мета со ВИ за дополнително персонализирање на содржината и рекламите што ги прикажува.
Поточно, сè што ќе кажете или прашате од Мета ВИ – без разлика дали станува збор за текстуална порака или гласовен разговор – наскоро ќе стане дел од податоците што го формираат вашиот личен профил за препораки за содржина и реклами.
Ако, на пример, разговарате со чет-бот за планинарење, Фејсбук и Инстаграм ќе претпостават дека ја сакате природата и ќе почнат да ви нудат повеќе објави, групи и реклами на таа тема.

Новата политика за приватност стапува на сила на 16 декември 2025 година.
Компанијата тврди дека овој пристап ќе ги подобри препораките и ќе ги направи порелевантни. „Оваа промена ќе помогне препораките да бидат порелевантни, така што корисниците ќе видат повеќе од она што ги интересира – а помалку од она што не ги интересира“, вели Мета.
Корисниците сè уште ќе можат да ги контролираат своите препораки преку опциите како што се поставките за реклами и поставките за активноста. Мета, исто така, наведува дека нема да користи теми како религија, сексуална ориентација, политички ставови или здравствени податоци за персонализирање на реклами.
Промената доаѓа во време кога Мета ВИ ја користат повеќе од милијарда луѓе месечно, компанијата очигледно бара да ја искористи таа огромна база на корисници за фино да го прилагоди својот алгоритам.
Иако Мета тврди дека корисниците ќе ја задржат контролата, фактот што разговорите со чет-бот со вештачка интелигенција сега стануваат дел од системот за персонализирани реклами покренува сериозни прашања за приватноста.