Свет

Украина: Сега можеме со нашето оружје да гаѓаме цели во Русија оддалечени 1.500 километри 

Украина сега може да гаѓа цели на руска територија оддалечени 1.500 километри користејќи го сопственото оружје, изјави претставник на Киев, а Москва денеска соопшти дека соборила две украински беспилотни летала над регионот Белгород, кој граничи со Украина и редовно е цел на нејзини напади.

Далечните цели повеќе не се проблем бидејќи Украина веќе некое време развива сопствена програма за ракетни и беспилотни летала, изјави за украинското радио секретарот на советот за национална безбедност и одбрана Олексеј Данилов.

Украинските вооружени сили можат да гаѓаат цели не само на оддалеченост од 700 километри, туку „дури и од 1.000 до 1.500 километри“. 

Оружјето што се користи на руска територија е од украинско потекло, рече тој, мислејќи на нападите врз руски воени цели што се случија како дел од напорите на Киев да ги одбие силите на Кремљ во војната што почна пред повеќе од 18 месеци.

Тој ја наведе ракетната програма на Украина што постои од 2020 година и фактот дека многу компании сега се вклучени во производството на беспилотни летала.

„Сето ова ќе донесе резултати“, рече тој.

Киев напаѓа исклучиво воени цели, посочи Данилов.

Руското Министерство за одбрана, пак, претходно објави дека неговите сили уништиле украински брод без екипаж користен во обид за напад на мостот што го поврзува полуостровот Крим со руското копно.

„На 1 септември околу 23:15 часот режимот на Киев се обиде да изврши терористички напад со полунаполнет беспилотен брод“, напиша Министерството на комуникациската платформа Телеграм. Министерството додаде дека бродот бил „забележан и уништен навреме во близина на брегот на Црно Море“.

Москва, исто така, објави дека соборила три украински беспилотни летала што синоќа го гаѓале Кримскиот мост. Според руското Министерство за одбрана, украинските беспилотни летала биле уништени над Црно Море околу 2 часот по полноќ, пред да стигнат до мостот изграден по анексијата на Крим.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons