МакедонијаНајново

Тројца повредени и четворица приведени вработени од „Комунална хигиена“, потврди СУТКОЗ

Тројца повредени и четворица приведени е билансот од синоќешниот судир на полицијата и вработените во Комунална хигиена Скопје кои протестираа пред претпријатието и не дозволуваа камиони да излезат и да го собираат ѓубрето во Скопје, ја потврдија информацијата на МКД.мк од Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално – станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва (СУТКОЗ).

Претседателот на СУТКОЗ Стојанче Кашиковски во изјава за медиумите рече дека се направени неколку обиди да стапат во контакт и да преговараат со директорката Косана Мазнева Николиќ, но дека тоа не се случило. 

„Полицијата со нејзината интервенција овозможи да излезат неколку камиони од „Комунална хигиена“. При таа интервенција беа повредени тројца од „Комунална хигиена“ и вие како новинарски екипи видовте дека имаше и возила на Брза помош кои ги однесоа повредените. Сметаме дека решението на проблемот не е на ваков начин, туку преку дијалог и преговори на маса“, изјави Кашиковски.

Тој им се извини на граѓаните на Скопје затоа што не е исчистен сметот, но, како што посочи, и вработените во „Комунална хигиена“ подолг период имаат проблеми. 

„Од страна на Синдикатот во секој момент има подадена рака и волја за решавање на проблемите, меѓутоа од другата страна таква волја до денес не гледаме“, рече Кашиковски, кој очекува дека денеска ќе бидат повикани на преговори.

Вработени од „Комунална хигиена“ од петокот протестираат поради отпуштање на дел од колегите и барање за повисоки плати и исплата на К-15. Поради протестот, од петокот не беше собрано ѓубрето во Скопје.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons