Трамп: Данците пристигнале со брод на Гренланд пред 500 години. Тоа не значи дека ја поседуваат земјата
Американскиот претседател Доналд Трамп повторно предизвика реакции со својата изјава за Гренланд, велејќи дека историското „откритие“ на територијата не значи автоматски право на сопственост. Во видео што вчера се прошири на социјалните мрежи, Трамп рече дека Данците му се „многу драги“, но го доведе во прашање историскиот аргумент за сопственост на територијата.
„Знаете, тие беа многу љубезни кон мене. Јас сум нивен голем обожавател, но знаете, фактот дека тие пристигнале таму со брод пред 500 години не значи дека тие ја поседуваат таа земја“, рече Трамп во разговор со новинар, алудирајќи на историските врски на Данска со Гренланд.
Изјавата на Трамп доаѓа во контекст на неговите претходни коментари и интерес за Гренланд, автономна територија во рамките на Кралството Данска, која има стратешка позиција и богати природни ресурси. Неговите тврдења повторно отворија дебата за тоа како „откритијата“ и територијалните права се толкувале низ историјата.
Америка, беше „откриена“ за Европејците во 1492 година, кога Кристофер Колумбо, пловејќи под шпанско знаме, стигна до Карибите со три брода – Нињо, Пинто и Санта Марија. И покрај ова, континентот веќе бил населен со милиони староседелци, а европското „откритие“ служело како основа за колонизација.
Соединетите Американски Држави како држава се формираа дури скоро три века подоцна, по војната за независност против Британското Царство, Декларацијата за независност од 1776 година и меѓународното признавање во 1783 година.
Зборовите на Трамп за Гренланд затоа беа протолкувани од многумина како провокација и поедноставување на историските процеси, но и како продолжување на неговата политика, која честопати ги доведува во прашање воспоставените меѓународни норми и историски толкувања.



