Тестенините од утре поевтинуваат за 15, млечните производи за 10 отсто
Тестенините од утре треба да поевтинат за 15 отсто, а млечните производи за 10 проценти. Нивните цени се намалуваат согласно со одлуката што Владата ја донесе минатата недела.
Со одлуката, од тестенините опфатени се макароните и шпагетите. За нив, од 13 март до 31 мај годинава се укинати увозните царински давачки. Само со укинување на царината, според пресметките на Владата, нивната цена се намалува за осум до девет денари во просек во малопродажба. Од Владата очекуваат намалувањето да биде и поголемо.
До 31 мај ќе биде во сила и одлуката за замрзнување на цената на млечните производи: трајно кравјо млеко со 2,8, 3,2 и 3,5 отсто масленост, урда, кравјо и мешано бело сирење, кравји кашкавал, кисело млеко, павлака и јогурт.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вчера соопшти дека при крај се и анализите кои треба да покажат дали ќе бидат замрзнати цените на шеќерот, јајцата и оризот.