Снимка по снимка, во судница се „црта“ тажната слика за насилството врз Ивана
Во кривичниот суд Скопје денеска се изведуваат докази – бројни телефонски повици кон полицијата на бројот „112“ а кои што ја „цртаат“ сликата за насилството кон Ивана Јовановска, чиј сопруг Стојанче е обвинет дека ја навел да се самоубие, по долгогодишно психичко и физичко малтретирање. Животот на Ивана згасна на 2 март 2026 година заедно со животот на нејзината ќерка Катја, со пад од балкон во скопската населба Тафталиџе.
Еден од повиците кон полицијата е од 20 декември 2025 година. Повикот од овој датум кон полицијата е од мајка му на Стојанче. Таа пријавила во полиција дека во станот на „Теодосиј Гологанов“ има тепање. Во позадина се слушаше плачењето на Катја кое беше толку гласно што едвај се слушаше што зборува мајка му на Стојанче. На снимката што беше пуштена во судница, се слушаше гласот на Катја како плаче силно и вика „ќе ја убие мама“. На прашањето од полицијата кон мајката на Стојанче што се случува таму, таа одговара – „обид за убиство“. Катја на снимката вели – „татко ми ќе ја убие мајка ми“. Во овој телефонски повик, мајката на Стојанче, Цветанка пријавува дека детето е потресено и го зела со себе но и дека детето е тепано, удирано и во позадина се слуша Катја како плаче и низ плач вели „и мене ме удри, и мене ме удри“.
На 29 јуни 2025 година, регистриран и презентиран во судница беше повик, во кој Ивана Јовановска во 21 часот и 20 минути многу вознемирена со викање се јавува на 192 и вели дека сака да го пријави сопругот кој ја тепа. По гласот се чувствува дека е многу вознемирена. Објаснува дека се наоѓа во Чаир, не ја знае адресата на која се наоѓа и дека сопругот не ѝ ја кажува адресата. Бара по локација да ја најдат. На тоа операторот ја упатува по локација да се јави на 112. Во позадина се слуша друг женски глас кој вели „Ивана“.
Пуштена беше аудио-снимка од 29 август 2025, во 11 часот и 33 минути каде мајката на Ивана, Љубица Стојановска се јавува во полиција, кажува дека Ивана отишла до станот да земе некои работи, таму бил сопругот Стојанче по што соседите пријавиле бучава и дека Стојанче ја тепа. Стојановска на повикот кон полицијата пријавува дека не му е првпат на Стојанче да ја тепа нејзината ќерка Ивана, објаснува каде се наоѓа станот, вели дека не може да ја добие ќерка ѝ и многу е загрижена за неа. Пријавителката Љубица е многу вознемирена и плаче, се издишува и неколку пати повторува дека не му е првпат на Стојанче да ја тепа Ивана.
Презентирана беше снимка и од пријавата на сведокот Ивана Белчева. Таа на 19 декември 2025 се јавува на 192 и пријавува дека се наоѓа пред „Тинекс“ во населбата Ѓорче Петров во паркот кај вовчето каде маж и жена се тепаат пред детето. Таа му кажува на полицискиот службеник дека го тргнала детето да не гледа, и вели дека „пред детето таткото ја тепа мајката“. На снимката таа ги моли полицајците неколку пати да дојдат и повторно кажува дека таткото ја тепа мајката.
На друга снимка на 2 март 2026 година во 11 часот се слуша како Ивана и Стојанче се расправаат, разговараат на висок глас, Стојанче ѝ вели „кажи ја вистината“. Во еден дел снимката е неразбирлива а Ивана му вели дека ја кажува вистината.
На снимката Ивана цело време му вели на Стојанче „не те местам“ и го прашува „зошто ми се закануваш“. Стојанче почнува да вика „нема шанси, лажеш“ и се слуша како ја удира Ивана.
На истата снимка Ивана почнува да вика „престани да ме удираш“. Стојанче уште погласно вика „не лажи“. Ивана за цело време се брани „дали јас те имам наместено, дали ти реков дека Мартин те има наместено, немам кажано такво нешто. Се што имаш направено си имаш направено сам“. Го повторува ова цело време. Во еден дел од снимката Ивана му вели „не ме мавај, не ме мавај“. Потоа се слуша машки глас кој ѝ вели „ниту Катја ќе ја видиш ништо нема да видиш, ќе лежам во затвор, ќе излезам мамето ќе ти го е..м“. Стојанче ѝ вели на Ивана – подобро убиј ме инаку све ќе ти е..м“. Памти го ова, друг избор немаш“.
Презентирана беше и аудио-снимка од 2 март, два часа пред да заврши животот на Ивана и Катја.
На пладне тој ден, таа се јавува на 192 и кажува дека сака да пријави семејно насилство.
На снимката таа е вознемирена и е на работ да заплаче. Кажува дека се наоѓа пред судот и дека пред малку разговарала со полициски службеници и рекла дека не сака да пријави, но дека сега сака да пријави семејно насилство и дека нејзиниот сопруг Стојанче е со неа.Таа кажува дека се наоѓа на паркингот кај судската палата и низ плач бара ако може полицијата побрзо да дојде.
Презентирана беше и снимката од повикот на Стојанче Јовановски на денот после самоубиството кога повикува брза помош.
Жена со мало дете се фрли од балкон, ве молам мало дете, се слуша на снимката.



