„СМЕТКИТЕ ЗА СТРУЈА НА РАТИ, ГРЕЕЊЕ НА ДРВА, НАЧИН МОРА ДА СЕ НАЈДЕ УЧИЛИШТАТА ДА РАБОТАТ“: Само НЕ онлајн настава
На само три недели пред почетокот на грејната сезона дел од училиштата се во паника поради високите цени на струјата, што го доведува до прашање затоплувањето на училиштата во текот на зимските месеци. Додека надлежните се договараат како ќе изнајдат најсоодветно решение, предлозите за онлајн настава и за продолжување на зимскиот распуст се неприфатливи ниту за наставниците, ниту за родителите на учениците. Велат дека штетата со онлајн настава и со губење училишни денови е веќе преголема и дека повторното останување дома ќе биде погубно во секакава смисла за учениците.
-Најголем дел од школите се загреваат со парно на нафта. Јас не се разбирам во тоа, но во ваков случај според логиката на нештата, тука нема огромно торошење на електирчна енергија. Треба само навреме да се направи набавка на нафта. Не сакам ни да помислам дека наставата ќе прекине некаде во октомври-ноември кога ќе залади значително и ќе мора да има греење во училиштата. Тогаш ајде сите да не одиме на работа. Секаде се троши струја. Ако греењето генерално е на нафта, тогаш треба да се внимава на останатите апарати и на осветлувањето за да се заштеди електирична енергија и да се намалат сметките за струја, револтирано посочуваат родители на средношколци од Скопје.
Истовремено, некои од директорите на училиштата, за Фактор посочуваат дека во текот на оваа недела ќе имаат состаноци со градончалниците на општините за да се најде решение кое нема да биде на штета на учениците, односно да се обезбеди непречено одржување на наставата.
-Во текот на оваа недела ќе седнеме сериозно да го разгледаме овој проблем. Енергетската криза го погоди целиот свет. Претходно беше пандемијата на ковид. Но, сметам дека мора да се создадат услови за настава и тоа со физичко присуство. Дали ќе има некакви поволности од страна на Владата за училиштата, дали ќе се најде начин сметките за струја да се плаќаат на рати, дали ќе се носат дрва, не знам, но доволно беше губење на часови и онлајн настава, е заедничкиот став на директорите на скопските средни училишта.
Истовремено од владата посочуваат дека се прават напори за да им се излезе во пресрет на основните и на средните училишта и наставата во зимскиот период да се одржува со физичко присуство.
Министерот за економија Крешник Бектеши во гостувањето во Сител истакна дека децата многу изгубија во време на ковид пандемијата.
-Сега заради енергетската криза подобро да им помогнеме на училиштата отколку да ги оставиме децата да изгубат многу. Потрошувачката за петте месеци, од ноември до март, за сите училишта на ниво на државата е околу 10 гигават часови и тоа може да го обезбедиме преку ЕСМ и убеден сум дека ќе најдеме решение, рече Бектеши во централниот дневник на телевизија Сител.
Според неговите проценки, училиштата не би требало да имаат проблем до крајот на март.
А, уште пред самиот старт на учебната година, министерот за образование, Јетон Шаќири изјави дека во Министерството за образование и наука е формирана работна група која во однос на прашањето за затоплувањето на училиштата е во координација со министерствата за економија и за финансии и со други надлежни институции.
Родителите на учениците потсетуваат дека тој истакна дека очекува непречена работа на училиштата во текот на зимскиот период.
– Очекувам ние да имаме отворени училишта, добро да соработуваме, централната власт со локалните самоуправи, добро да ги менаџираме училиштата и најважното тие да ни бидат отворени, изјави Шаќири на прес-конференција, на само еден ден пред стартот на новата учебна година.