Системот на ФЗО пак е функционален останува мистерија дали бил платен откуп во замена за податоците на осигурениците
Системот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) беше и е безбеден а податоците на граѓаните не се изманипулирани од никого откако на 6 февруари годинава хакери го нападнаа и влегоа во системот на Фондот, тврди директорката, Магдалена Филиповска Грашкоска. На денешната средба со медиумите Филиповска Грашкоска не откри кој и како точно го нападнал системот, која била крајната цел на хакерите и кој е виновен за упадот. Сѐ ќе покаже истрагата, е сѐ што кажа Филиповска Грашкоска одговарајќи на новинарските прашања. На прашањето каде е вториот директор и раководителот на ИТ секторот, директорката кажа дека првиот е на одмор а вториот поради стрес е на боледување. Таа не сакаше да каже ниту дали им платиле пари на хакерите за да ги вратат назад податоците од осигурениците.
Сѐ ќе покаже истрагата, е сѐ што кажа директорката на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Магдалена Филиповска Грашкоска, на денешната средба со медиумите одговарајќи на новинарско прашање дали хакерите побарале откуп за податоците на осигурениците и тоа платен во виртуелната валута биткоини.
„Не смеам да кажам дали некој ни побара откуп од страна на хакерите. Отворена е истрага и за ова не смеам да коментирам. Нападот беше насочен само кон виртуелните системи, додека податоците на граѓаните се чуваат во маскирана форма и не се читливи. Нема одлив на податоците на граѓаните. Гарантирам дека податоците на граѓаните не се погодени”, рече таа.
Филиповска Грашкоска тврди дека системот на Фондот бил и е безбеден а податоците на граѓаните не се злоупотребени од никого. Таа не откри ниту кој и како точно го нападнал системот, која била крајната цел на хакерите и кој е виновен за упадот. Сѐ што кажа е дека полицијата го бара и ќе утврди кој е виновникот за хакерскиот напад на Фондот. Таа избегна директно да одговори дали чувствува лична одговорност во врска со хакерскиот напад.
„Не бегав никаде. Тука сум. Овие 14 дена, по цели денови работевме во Фоднот. Тоа беше масовна операција. За себе лично можам да кажам дека од првиот момент откако сум влезена во оваа институција максимално се заложувам, ги давам сите напори за да се обезбеди што е можно подобра услуга за граѓаните. И во овие две недели и јас и сите колеги овде максимално се вложивме да го решиме проблемот. Сметам дека фактот што е решен за толку брзо време покажува дека ние си ја вршиме работата како што треба”, рече Филиповска Грашкоска.
Повеќе на mkd.mk