МакедонијаНајново

Симовски: Направивме печатна грешка со атеистите и ја исправивме, другите податоци од пописот се во ред 

При објавувањето на податоците од пописот во делот на религиозната припадност, беше направена техничка грешка, па така како граѓани кои се изјасниле како атеисти беше наведена бројката од 355, наместо 8.764 лица кои се изјасниле дека не се верници, изјави за МКД.мк Апостол Симовски, директор на Државен завод за статистика.  

Симовски во изјавата за МКД.мк нагласи дека станува збор за замена на местата на бројките, односно наместо евангелисти – методисти било наведено „атеисти“. Тој додава дека со последниот попис е заведена и графа за агностиците, зашто така барале да бидат заведени тие граѓани (1 964 лица).

Тој нагласи дека другите податоци се во ред и дека граѓаните можат сите податоци кои се во нивен интерес да ги пронајдат во МакСтат базата на Заводот за статистика.

МКД.мк и во петокот побара одговор од Статистика за бројот на атеисти, изразивме можност дека е направена печатна грешка имајќи предвид дека 355 лица е неверојатно мала бројка, но тогаш до крајот на денов не добивме одговор. А исправката дојде во деновите на викендот.

Симовски утрово ни рече дека и нему му беше чудна тогаш презентираната бројка на атеистите. 

Сепак, некои периферни податоци кои би го оптовариле целиот извештај, не беа наведени, како на пример неколку лица кои се изјасниле како марсовци или побарале да биде запишана некаква друга реално непостоечка припадност, вели Симовски.

Во однос на реакциите на дел од партиите кои сметаат дека во пописот на населението има фалсификувани податоци со цел друга етничка припадност или религиска припоадност да биде фаворизирана, а кои повикуваат и на кривична одговорност на првите луѓе на Заводот за статистика, Симовски вели дека се неосновани, но дека секако, како што нагласува, постојат институции.

„Секој што смета дека во пописните резултати има фалсификувани податоци или политички манипулации, може да поднесе соодветна пријава“, вели Симовски.

Инаку, имајќи предвид дека во минатото, особено во времето на социјализмот во Македонија голем број на граѓани се изјаснуваа како атеисти, презентираната корегирана бројка и сега изгледа, мала. 

„Така се изјасниле граѓаните и таков податок можеме да дадеме, можеби во онаа бројка од 132.260 граѓани кои не се теренски попишани има повеќе атеисти, но во таа бројка не може да се интервенира. Тие што реагираат сега, и што ги негираат резултатите од пописот, нека размислат зошто голем број од граѓаните, 7,2 проценти не се попишани. Зошто голем број особено Македонци од прекуокеанските земји не се попишале иако имаа половина година време, тоа да го сторат, исто така е добро прашање за тие што повикуваа на бојкот на пописот или затскриено водеа кампања против пописот“, вели Симовски.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons