Светски ден на дарители на коскена срцевина: Секој доброволен дарител на матични клетки претставува надеж за спасување човечки животи
По повод Светскиот ден на дарители на коскена срцевина, Министерството за здравство ја истакнува важноста на националниот дарителски регистар, кој функционира во рамки на Институтот за имунобиологија и хумана генетика при Медицински факултет-Скопје.
Националниот регистар е единствениот официјален регистар во државата и досега се овозможени вкупно 69 трансплантации на пациенти од државава и три на странски пациенти со клетки од македонски дарители. Во него се регрутирани повеќе од 6.000 доброволни дарители.
Министерот за здравство, Азир Алиу, по повод денот истакнува дека „секој доброволен дарител на матични клетки претставува надеж за спасување човечки живот. Министерството за здравство останува целосно посветено на поддршка на Националниот дарителски регистњр. Благодарение на солидарноста и хуманоста на дарителите, денес имаме пациенти кои добиле нова шанса за живот.“
Министерството за здравство изразува благодарност на сите дарители и ги охрабрува граѓаните со цел нивно вклучување во регистарот, бидејќи секој нов дарител значи нова шанса за живот.