Продолжува штрајкот во училиштата и градинките
Во основните и средните училишта и во градинките денеска ќе продолжи штрајкот на вработените кој почна вчера организиран од Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) за зголемување на платите во дејностите образование и детска заштита. За да се најде решение, најавена е нова средба меѓу синдикатот и владини претставници која веројатно ќе се одржи денеска или утре.
Министерствата за образование и наука и за труд и социјална политика соопштија дека социјалниот дијалог ќе продолжи, а синдикалниот лидер Јаким Неделков порача дека тој треба да биде „конструктивен и конкретен, а не пропаднат и бесцелен разговор”.
Неделков вчера соопшти дека освен во градинки во некои општини, меѓу кои Карпош, Центар, Валандово, Гевгелија, вклученоста во штрајкот била масовна и со учество на 25 илјади вработени во училиштата и градинките. Мал бил бројот на ученици кои дошле на настава, а релативно мал бројот на деца донесени во градинките каде што, како што рече, имало и посериозни притисоци да се прекине штрајкот. Некаде се инсистирало времето на штрајкување да биде осум часа, но, рече Неделков, вработените треба да бидат онолку колку што им се смените во училиштата.
„Пресреќни сме што немало никаков инцидент, ниту некое дете било оставено пред врата. Најважно е што е пратена пораката до надлежните која е многу јасна – огромно е незадоволството во градинките, основните и средните училишта кои имаат проблем со нивниот социјален статус. Расположени сме тежината на нашите аргументи уште еднаш да ги претставиме пред надлежните и да ги убедиме дека ова што го бараме е издржано и да најдеме заедничко решение“, рече Неделков.
Тој додаде дека чекаат да бидат повикани на средба што вчера во краток разговор му ја најавил министерот за образование и наука Јетон Шаќири кој, пак, вчера изјави дека го почитува синдикалното право на штрајк, но дека тој треба да биде последен чекор. Социјалниот дијалог со СОНК, рече Шаќири, ќе продолжи за да се најде решение.
„Ќе повикам во најбрз можен рок да најдеме заеднички договор на овие проблеми и наставата да продолжи. Мислам дека во текот на неделава ќе имаме состаноци и сакам разбирање затоа што штрајкот требаше да биде последен чекор“, рече министерот при посетата на средно училиште „Владо Тасевски”. Тој истакна дека СОНК со сите синдикати бил вклучен во преговорите за минималната плата и сите биле согласни дека ќе го почитуваат договорот за минимум шест месеци за усогласување на другите плати како што предвидува законот.
Шаќири рече и дека законите за основно и за средно образование не дозволуваат прекин на наставата освен во вонредни ситуации и дека со одлуката за штрајк, се доаѓа во ситуација да се надоместат деновите од учебната година бидејќи веќе беше одложен почетокот на второто полугодие поради состојбата со ковид-19.
„Владата е за тоа просветните работници да земаат поголеми плати и тоа го имаме докажано: во 2018 пет проценти повеќе, во 2019 пет проценти повеќе, 2020 десет проценти повеќе. Ако ги собереме кумулативно, тоа се 21 процент. Во 2020 почна пандемијата, здравствената криза продолжи и со економска, но пак кажуваме дека ќе работиме на решавање на проблемите за наставниците да имаат повисоки плати“, изјави министерот за образование и наука.
И министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска во телевизиско гостување вчера нагласи дека социјалниот дијалог продолжува и вети дека деновиве, заедно со претставниците на СОНК, ќе најдат решение коешто нема да биде на штета ниту на кадарот во градинките, ниту на родителите.
Во однос на платите на вработените во градинките, таа рече дека од 2017 година се бележи континуиран раст.
„Во 2017 година платата на воспитувач била 18.300 денари, во февруари годинава платата е 26.574 денари. За негувател сега просечна плата е 19.560 денари, а во 2017 година негувателот земал плата 14.493 денари. Ова покажува дека платата е покачена за околу 21 процент, а техничкиот персонал доби покачување со Законот за минимална плата и нема пониска плата од 18.000 денари“, рече Тренчевска.
Според вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, СОНК со генералниот штрајк не им дал доволно шанса на преговорите.
„И покрај неколкуте обиди за преговори, сепак повикаа на штрајк. Во Економско-социјалниот совет беа вклучени и СОНК и КСС, иако не се репрезентативни синдикати. На преговорите за минималната плата се договоривме дека усогласувањето ќе се врши во рок од шест месеци, но сепак, само три дена потоа, тие најавија дека на 11 април ќе има штрајк… Усогласување рековме дека ќе го има, но притоа мора сите да сме свесни за состојбите во кои се наоѓаме“, рече Битиќи за „Утрински брифинг”.
СОНК го организира генералниот штрајк во училиштата и градинките бидејќи не е исполнето нивното барање веднаш да се зголемат платите на вработените во образованието и градинките за 18,4 проценти, односно нивно усогласување со порастот на минималната плата, која од овој месец е зголемена од 15.200 на 18.000 денари. Дополнително, СОНК бара минималната плата да биде основица со која ќе се множат коефициентите на сложеност на работни места.
Преговорите меѓу СОНК и Владата во изминатите две недели завршија без договор. По последната средба минатиот понеделник, Неделков рече дека нема краткорочно решение со кое веднаш ќе се зголемат платите на дејностите што ги застапува Синдикатот и поради тоа вчера го активираше најавениот штрајк.